Раул: Целје игра брзо, нема да ни биде лесно

Ракометарите на Вардар денеска отпатуваа за Словенија, каде утре во рамките од Лигата на шампионите ќе му гостуваат на тимот на Целје. Целта е јасна – нова победа и задржување на првото место на табелата, но Раул Гонзалес ги предупреди своите избраници дека против себе имаат екипа што знае да биде крајно незгодна.

Пред нас е многу брз натпревар. Целје игра така секогаш кога е домаќин. Го гледавме сега нивниот мечот со Кјелце. Имаат и млади и поискусни играчи. Одбраната е интензивна со голем притисок. Очекувам тежок меч. Треба да се биде подготвен за се, никогаш не знаеш како тие ќе играат. Може и да имаат нови комбинации. Треба да играме како и досега, сконцентрирани на она што не очекува“ – изјави Раул Гонзалес.

Капитенот Стојанче Стоилов ќе го пропушти овој натпревар поради повреда, исто како и Хорхе Македа, но оние кои ќе настапат се решени да го дадат максимумот и да стигнат до нова победа.

„Не очекува тежок меч после доста трошење на дуелот со Барселона, па потоа дојде и Загреб, и тука требаше да се потрудиме на почетокот. Така ќе биде и во Словенија, имаме мали проблеми со повредите. Ние сме европски прваци и треба така да се однесуваме, да сме мотивирани. Тие играат добро, играат со многу трчање, брзи напади и се надевам ќе го сопреме Млакар нивниот најдобар играч и дека ќе славиме во Словенија“ – оптимист е пивотот Мијајло Марсениќ.

Се вчитува...