Раул за Украинците: Слабо финтираат, веднаш шутираат…

Раул Гонзалес веднаш по своето доаѓање на клупата на македонската репрезентација успеа да внесе победнички дух меѓу ракометарите, што придонесе да се стигне до посакуваната победа на домашен терен над Исланд. Тој триумф овозможи Македонија да се најде во привилегирана позиција во однос на Исланѓаните на табелата поради подобриот меѓусебен скор, па нашиот национален тим со победа на денешното гостување во Украина дефинитивно да го обезбеди учеството на Европското Првенство во Хрватска.

Македонија „на хартија“ е фаворит, на домашен терен минатата година ги совладавме Украинците со 27-21, но Раул е свесен дека противникот е многу незгоден на домашен терен, откако веќе ги совлада Исланд и Чешка пред своите гледачи.

Ние ќе сториме се за да победиме, но јасно е дека нема да ни биде лесно. Украина е многу посериозна репрезентација кога игра на домашен терен, тоа го покажаа на претходните средби. Играат невообичаен ракомет, клучно ќе биде да се запрат нивните бекови, кои слабо финтираат и веднаш шутираат, но можат да бидат многу опасни ако влезат во серија. Наше е да не им го дозволиме тоа, туку Македонија да го диктира темпото. Веќе реков, сакам уште во Украина да ја искористиме првата меч-топка и да не дозволиме последниот меч со Чешка да решава за нашиот пласман на ЕП“ – изјави Раул Гонзалес пред денешниот дуел.

Се вчитува...