Реакција на Шкендија по изјавите на Јонуз: Да не се користи името на клубот за лични интереси

По вчерашните изјави на поранешниот македонски селектор Мирсад Јонуз дека Шкендија има ветување од ФФМ за освојување на шампионската титула оваа сезона, со своја реакција се огласи и тетовски клуб барајќи името на „црвено-црните“ да не се користи за погрешни интереси и остварување лични агенди.

Соопштението од ФК Шкендија ви го пренесуваме во целост:

Нашиот клуб е злоупотребен за лични интереси, поради што сме принудени јавно да реагираме барајќи од сите страни да не се користи злонамерно името на Шкендија.

Шкендија веќе три и пол години силно инвестира за организациски да го доведе клубот на европско ниво. Шампионската титула е наша цел и сон, како и претходно, така и за оваа сезона. Нашите успеси се директно поврзани само со достигнувањата на зелениот терен, и нема да дозволиме некој успесите до кои сме стигнале со професионална и чесна работа да ни го одземе. Шкендија инвестира и ќе продолжи да инвестира, а последниот период дополнително се засилени нашите цели, амбициите од сон да се претворат во реалност.

Нашиот тим сака и бара само еднакви услови за натпреварување како и за сите други екипи во шампионатот, никогаш не барал и не бара било каква помош за да дојде до титули. Секој има право да се бори за своите цели, но нема да дозволиме некој да набива публицитет и да привлекува внимание на сметка на ФК Шкендија.

Ние како клуб ги почитуваме легитимните институции во македонскиот фудбал и нивните одлуки, па бараме почит и за нас од сите други страни.

Се вчитува...