Реал во офанзива: Крос и 80 милиони евра за Дибала

Нападот на Реал Мадрид предводен од Роналдо и Бензема воопшто не функционира, па „кралскиот клуб“ неслучајно тргна во потрага по нов елитен голгетер како приоритет за засилување на сопствените редови. Иако се најавуваат трансфери и за јануари, „кралевите“ се фокусираат и на летниот преоден рок, за кога би сакале да доведат во своите редови неколку „капитални засилувања“.

Флорентино Перез сака прво од нив да биде Пауло Дибала, извонредниот Аргентинец кој сезонава игра фантастично во дресот на Јувентус. Иако до неодамна истакнуваше дека нема намера да ја напушти „старата дама“, Дибала сигурно добро ќе размисли доколку добие понуда од најтрофејниот европски клуб. А добро ќе размисли и Јувентус со оглед на понудата што се најавува од страна на шпанските медиуми. Како што јавува тиражниот весник „Марка“, „кралевите“ се подготвени да платат 80 милиони евра, но згора на тоа да го испратат и Тони Крос во Јувентус, се со цел да го убедат италијанскиот првак да се раздели од еден од своите најдобри фудбалери.

Крос веќе две години наназад се наоѓа на листата со желби на „старата дама“, па останува да се види реакцијата на челниците на Јувентус по оваа интересна понуда што се најавува за Дибала. Доколку не успеат првичните разговори, Флорентино Перез ќе го насочи вниманието кон другите млади врвни голгетери на неговата листа со желби, Мауро Икарди од Интер и Тимо Вернер од Лајпциг.

Се вчитува...