РЕФЛЕКТОР: Ракометна зона на самракот - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Фудбал
20/09/2017 17:32
Фудбал
20/09/2017 15:30
Ракомет
20/09/2017 13:46
Кошарка
19/09/2017 18:29

РЕФЛЕКТОР: Ракометна зона на самракот

РЕФЛЕКТОР: Ракометна зона на самракот

Има многу темнина во нашиот спорт. Оттаму и потребата за РЕФЛЕКТОР, малку да ги осветли нештата, да ги открие аномалиите, да ги потенцира светлите страни…Во Европа рефлекторите одамна се светнати, но кај нас се многу ретка појава, речиси и да ги нема, за жал…Затоа и спортот ни е на вакво дереџе…

Секоја идеја е добредојдена, секој коментар треба да ни стави прст на чело, за во спортот конечно да ни светне…

———————————————————————————————————————————

1. Врти сучи, по завршувањето на едно големо натпреварување повторно во фокусот е Металург. Лани по Катар се делеа откази на играчи посочувани како бунтовници и предводници на штрајкот, вчера еден од нив се врати во „Автокоманда“, и тоа како спортски директор.

Сите оние обвинувања, во службени и приватни кругови, сега се „пу пу не важи“, повторно се е розово, а плановите барем на муабет се големи.

Кому ли само му текна да го врати Димовски, истиот оној што „го растури клубот“ и „тераше на бојкот“, за сега да ја оправа атмосферата. Воедно, атмосферата воопшто не беше тензична во клубот што успеа да остане во живот, па по моментите на најголема криза газеше се пред себе во Супер лигата, а забележа и две победи во Лигата на шампионите.

Ванчо Димовски е еден од ракометарите што оставиле најсилен белег во овој спорт во изминатите дваесетина години, но самиот тој епитет носи со себе и обврска, реноме и интегритет. Дека е позитивен лик, тоа е повеќе од точно, но да прифати да стане дел од истата онаа управа од која лани беше „оцрнуван“, и тоа во клуб во кој ќе нема конкретна улога освен „подобрување на атмосфера“, тоа значи недоволно ниво на самопочитување. Или само краткоточен „дил“ за наплата на парите што му се должат. Трето нема…

Од „Автокоманда“ пристигнуваа најави за посветли денови, но овој „стратешки потег“ не значи ништо особено, а сето останато е само доказ за тонење во просечноста. Јанко Божовиќ, единствениот ракометар за кого може да се каже дека е од висока класа, ќе замине на „печалба“ во Катар. Оттаму ќе дојде Милан Шајин, 22-годишен Црногорец кој за малку не заиграл за катарската репрезентација на ланскиот мундијал. Се повредил, па сега ќе врти нов лист во Металург, како лев бек, пред нашите Талески и Кузмановски.

Лино Червар долго време проповеда за „македонски проект“, но делата му одат сосема спротивно од зборовите, особено во последните шест месеци. По просечните Срби и Хрвати, сега ќе гледаме и катарски Црногорци, за од нив да учат „македонските дијаманти“.

Металург важеше за македонски бренд, но за жал веќе извесно време во овој клуб едно се зборува, а друго се прави. Како да е влезен во „Зона на самракот“, па следно што можеме да очекуваме е Станиќ да добие награда за „најпрофесионален играч во клубот“, на Миркуловски да му биде врачена „Златна тринаесетка“, а Мојсовски да му стане прв асистент на Червар!

admiral rabotnicki

2. Камбекот на Димовски воедно претставува и доказ дека од помпезно најавуваниот проект Работнички не останува речиси ништо.  Се споменуваа засилувања како Вугринец и Станиќ, но наместо нив се појавија браќата на Марсениќ и на Мојсовски. Управата (еден од двајцата беше токму Димовски) се вадеше дека никогаш ништо гласно не изјавила, но од друга страна и мудро молчеше, уживајќи во ’Зоната на самракот’. Концептот беше осмислен „на скандинавски начин“, повеќе лица и компании да инвестираат помали суми, од кои сепак вкупно би се создал значителен буџет барем за битка за второто место.

Кога наместо „Борис Трајковски“ се стартуваше уште од првото коло во „Форца“ беше јасно дека работите не одат во посакуван правец, а кога и од „Адмирал“ наместо стабилен спонзор се доби само една прес-конференција, веќе стана јасно во кој правец оди колата. Почнаа заминувањата, најпрвин на играчите, сега и на Димовски, ќе следат…

Македонија не е Данска ниту Норвешка, па да се прават ракометни скандинавски проекти.

3. Во ’Зона на самракот’ накратко влезе и националниот тим. Ракометарите (не)играа во Краков, мислејќи на Рио. Репрезентацијата заврши со настапот на ЕП 2016, без ниту една победа, но сепак со „успешен“ пласман во главната фаза по ремито со Србија. Проблеми имаме, РФМ ги согледа и сака да ги реши, почнувајќи од директор, преку психолог…

Целта е да се намали тензијата, за потоа кога селекторот ќе каже како да се постави играта… играчите да го слушаат. На друго место ова не е проблем, селекторот е тука за да кажува, ракометарите за да играат, но ова сепак е Македонија.

Сепак, Олимписките Игри се заеднички сон, па време е сите заедно да се стават во служба на колективниот интерес. Преку таков од Краков, ајде да одиме во Рио!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.