РЕФЛЕКТОР: За фудбалот, неплаќачите, неисплатените - и суспензиите! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Фудбал
22/11/2017 18:33
Фудбал
22/11/2017 17:40
Кошарка
22/11/2017 13:30
Фудбал
22/11/2017 11:10

РЕФЛЕКТОР: За фудбалот, неплаќачите, неисплатените – и суспензиите!

РЕФЛЕКТОР: За фудбалот, неплаќачите, неисплатените – и суспензиите!

Има многу темнина во нашиот спорт. Оттаму и потребата за РЕФЛЕКТОР, малку да ги осветли нештата, да ги открие аномалиите, да ги потенцира светлите страни…Во Европа рефлекторите одамна се светнати, но кај нас се многу ретка појава, речиси и да ги нема, за жал…Затоа и спортот ни е на вакво дереџе…

Секоја идеја е добредојдена, секој коментар треба да ни стави прст на чело, за во спортот конечно да ни светне…

———————————————————————————————————————————-

Кај нас во Македонија фудбалот вообичаено се игра – на дуженка! Тоа не е ново, дај Боже да се искорени, ама еве доаѓаат само нови и нови примери, дека тоа не е така лесно. И веднаш да кажам, дека сум за ставот неплаќачите да бидат суспендирани (и избркани од фудбалот), а неисплатените да си го добијат заслуженото.

Но, тука има многу перверзни игри и подметнувања. Жално е ова што им се случува на неколкумината фудбалери на Металург, кои не добиле плати, а добија раскин, но и шестмесечни суспензии. Но, тоа е така, затоа што некои нивни колеги од минатото, не се избориле за нешто подобри услови за фудбалерите во македонскиот фудбал. Да се потпише чист и јасен договор со клубот, со конкретна и точна сума на месечна плата и годишен договор (ова е многу важно), кој потоа ќе биде заверен и преку Фудбалската федерација на Македонија. А, тоа не го прави (речиси) никој.

Парите одат под рака, на рака, па дури и во штуцна! Сум бил сведок во минатото на еден поранешен фудбалер на Вардар, кој доби 200 евра на рака, и тоа пред самиот почеток на фудбалски меч од Првата лига, и парите ги стави во штуцна. Потоа и се шегувавме, вели, повеќе гледав да не летнат еврата, отколку што играв. Таков е, за жал, нашиот фудбал.

Има и друг пример, го паметам многу добро, поврзан со сегашниот тренер на Брегалница, а тогашен играч на Вардар. Во 11 часот, по утринскиот тренинг ми изјави „јас си одам од Вардар, ми должат пари“. А, потоа во 14 часот ми се јави телефонски и ми вели, не го пишувај ова, ќе останам јас во Вардар. Значи, добил евричи, на рака, под рака, а можеби и на сметка. И да се разбереме, Вардар го земам како пример, затоа што е најтрофеен клуб, речиси се и во минатото, а и во сегашноста, се врти околу него. Тоа е клубот кој треба да ги води напред и сите останати.

metalurg grupno so rabotnicki

Фудбалските клубови од Првата лига сега се акционерски друштва, значи приватни компании, кои како и секоја друга фирма, имаат обврска да ги плаќаат своите вработени. Но, прашањето е колку МОРААТ да ги плаќаат.

Само на основната плата која ние веќе како на смешка ја пишуваме, околу 9.000, 10.500 или 12.000 денари, на која се пријавени. Сето друго е како „дополнување“, на рака, под рака, или во штуцна! За да не се плаќа данок, нели, многу јасно. Односно, оданочувањето за плата и за хонорар, нели, не е исто. Е, сега, многу важно прашање е што фудбалерите си подразбираат под плата?! Дали целата сума што ја добиваат дел на сметка, дел на рака, дел под рака, или во штуцна, или пак само онаа сума која е конкретно напишана и потпишана, како плата. Сето останато, барем кај нас овде во Македонија – не важи! Или клубовите наоѓаат „дупки во законот“ дека не мора да важи.

И пак се вратиме на ФК Металург. Трагично е што фудбалери играле без плата цели пет месеци. И што морале да штрајкуваат. И што спортски директор им е екс – репрезентативецот Ѓорѓи Христов, кој не се бори против овие аномалии, туку е дел од клуб кој е „должник“. Фудбалерите на Фејсбук потенцираа дека се изиграни и од тренерот Алексо Мацков, а да не го заборавиме и првиот човек на клубот, Александар Панов. Не знам кој се води како извршен директор, но не само тој, туку и сите овие, а и сите вакви фудбалски работници, во иднина треба да бидат казнети. Суспендирани. Избркани.

И тука „во игра“ влегува Панче Ќумбев, поранешниот наш репрезентативец и интернационалец, кој сега е прв човек на Синдикатот на фудбалери во Македонија. Тој се труди да помогне, нешто и да разреши, но проблемите се големи, наталожени одамна, и нема да се сменат така лесно, преку ноќ. Но, на Панче Ќумбев треба најмногу да му помогнат фудбалерите од Првата лига. Не кога ќе им дојде јајцето до г..от, туку претходно, кога ја земаат платата редовно и навремено.

Да се самоорганизираат, да се придружат, да застанат сите заедно. Затоа што клубовите умешно ја користат нивната несолидарност, дека некој зема под рака, на рака, во штуцна, а за другите – баш го заболе!

И потоа кога ќе ги заболи, има плачки. За жал, кај нас во Македонија фудбалот се игра(ше) на дуженка! Тие самите, фудбалерите, фудбалските работници, Синдикатот на фудбалери, поддржани од Фудбалската федерација на Македонија, треба да се изборат да биде поинаку.

И не е таков само Металург. И не е таков само фудбалот. Го гледа(в)ме ова и во ракометот, кошарката, во сите други спортови.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.