Репрезентативците се собраа за Норвешка: Без разлика на отсуствата со успех да се заврши 2017!

Македонската репрезентација попладнево во хотелот „Гранд Плаза“ во Скопје се собра на стартот од подготовките за пријателскиот натпревар против Норвешка кој на 11. ноември го играме на националната арена „Филип Втори“ од 18:30 часот.

Ново име во најдобриот македонски состав е 17-годишниот Анес Османоски од германски Унтерахинг. За натпреварот со Норвешка, Ангеловски дефинитивно нема да смета на Висар Муслиу, како и на Љупчо Дориев. Дефанзивецот од Вардар поради повреда ќе го пропушти саботниот натпревар. Доцна попладне, по дополнителните медицински тестирања во Загреб, ќе биде јасно дали Аријан Адеми од хрватски Динамо ќе може да се стави на располагање на репрезентацијата.

„Без разлика на отсуствата на неколкумина фудбалери, јас верувам во тимот и во играчите кои ги имаме на располагање за претстојниот натпревар. Знаеме што не очекува, ќе се соочиме со различен стил на игра кој го форсираат норвежаните, но верувам дека ќе го наметнеме нашиот ритам и со успех ќе ја завршиме фудбалската 2017 година. На овој дуел ќе пробаме неколку тактички варијанти и се надевам дека сите ќе бидат на висина на задачата. Ново име во репрезентацијата е Османоски кој е дел од младите национални тимови на Македонија и со тоа ја продолжуваме праксата да им дадеме шанса на младите кои во иднина можат да бидат важен дел од А тимот, како што е случајот со Чурлинов, Елмас, Атанасов. Кире Маркоски исто така ќе биде дел од составот на Македонија, околностите во тимот за него се познати и верувам дека ќе ја оправда довербата, исто така како што го направи тоа во квалификациите за младинското ЕП 2017“, изјави Игор Ангеловски на брифингот со медиумите пред почетокот на подготовките за пресметката со Норвешка.

Reprezentacija sobir

Првиот тренинг Македонија ќе го одработи денеска во 16:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.

Се вчитува...