РЕСПЕКТ: Навивачите сами изградија трибина, па направија шоу на отворањето

Навивачите на Жељезничар вчера приредија вистинско шоу на дуелот со Слобода, откако направија неверојатна „бакљада“ што го обиколи светот. Не станува збор за бројот на бакљите, туку за неверојатната приказна како самите навивачи учествуваа во изградбата на нова трибина на стадионот „Грбавица“.

Имено, откако беа изморени од неисполнетите ветувања на политичарите, навивачите самите се организираа и направија амбициозен план.

Да се продадат 500 десетгодини сезонски влезници по цена од 1000 марки (500 евра). Невозможно. Никогаш не би поверувал дека тоа ќе се случи, но мудро молчев зошто не сакав да им го урнам сонот на оние кои ја почнаа идејата. А потоа работата тргна, багерите ја урнаа старата источна трибина, по што сите сфативме колку е сето ова достижно за реализација“ – изјави еден од навивачите кој беше дел од вчерашниот спектакл.

Како што јавуваат босанските медиуми, направени биле две акции, првата за столчиња, а втората за изградба на трибината, при што се собрани над 500.000 евра. Новата трибина ја отвори Ивица Осим, најголемата клупска легенда на „Жељо“, а дуелот со Слобода го следеа околу 15.000 фанови, кои беа сведоци на оваа неверојатна бакљада, за која мора да се истакне дека ниту една бакља не заврши долу на теренот.

Со тоа, популарниот „Жељо“ не само што ќе има нова трибина, туку и многубројна публика, со оглед на фактот дека дел од луѓето однапред имаат платено значајна сума за да бидат дел од оваа прекрасна приказна. А приказната не застанува овде, бидејќи веќе се прават планови за целосно реновирање на другата трибина, онаа на која вообичаено се наоѓаат најверните фанови на сараевскиот клуб.

Се вчитува...