Ристовски и Жута преку Ејупи до финалето во Купот на Хрватска

Фантастичната сезона на Стефан Ристовски и Леонард Жута со тимот на Ријека продолжува откако оваа екипа вечерва обезбеди пласман во големото финале од Купот на Хрватска.

Ријека за ривал го имаше Осијек, каде настапуваатМузафер Ејупи и Мирослав Петровиќ, вторпат совладувајќи го овој противник (0-2) за заслужено место во финалето, каде ќе се сретне со Динамо Загреб. По победата на првиот натпревар од 3-1, фудбалерите на Ријека прашањето на патникот во големото финале го решија на самиот старт од второто полувреме.

Имаа помош и од домашниот фудбалер Безјак, кој заслужено доби црвен картон во 49. минута, за само три минути подоцна гостите да поведат со автоголот на Шкориќ. Конечните 0-2 во 57. минута ги постигна Андријашевиќ со својот 12. погодок сезонава. Ристовски и Жута одиграа по 90 минути за Ријека на оваа средба, исто како и Ејупи на спротивната страна. Првото полувреме во дресот на Осијек го одигра и екс-фудбалерот на Работнички, Мирослав Петровиќ.

Само за потсетување, Ријека се наоѓа на првото место и во хрватскиот шампионат, каде има предност од четири бода во однос на шампионот Динамо Загреб.

Се вчитува...