Ристовски: Убаво е кога се победува, сега малку одмор, па – Албанија!

ЕКИПА во Хаифа,

Владимир Булатовиќ 

Македонија оствари значаен триумф (0-1) на гости против Израел, втор во овој квалификациски циклус, кој ја буди вербата дека националниот тим може да достигне во иднина и многу повеќ од сегашната петта позиција во групата Г. Со голот на капитенот Горан Пандев славевме минимално, но сосема заслужено, а Стефан Ристовски, кој ова лето направи трансфер во Спортинг Лисабон, вели дека оваа победа ќе ја засили атмосферата на уште повисоко ниво пред дуелот со Албанија во Струмица.

„Остваривме значајна победа. Одигравме квалитетен меч, не им дозволивме на Израелците да наметнат своја игра. Успеавме и да зададеме конечен удар со голот на капитенот Пандев. Среќни сме, но не треба сега да не зафати еуфорија, туку да се одмориме добро, и да мислиме на Албанија. Посакуваме да го победиме и следниот меч во Струмица“, вели десниот бек Стефан Ристовски, дополнувајќи дека во овој македонски состав нема поделба на млади и стари…

„Кога се игра за најдобрата репрезентација на една земја нема поделба на млади и стари. Без разлика на годините тоа е најдоброто со кое располага нашиот фудбал. И оние помладите кои сега се приклучија од младата репрезентација на Македонија се тука затоа што заслужуваат, затоа што квалитетот е еднаков со секој останат во националниот тим. Мислам дека создадовме навистина хармонична репрезентација која пред себе има светла иднина. Но, ќе повторам, дека не треба многу да се залетуваме туку мудро да чекориме трпеливо кон новите успеси“.

Се вчитува...