Рома продаде двајца фудбалери во Зенит

Раководството на Рома продолжува со распродажбата на екипата, па така по заминувањето на Салах во Ливерпул договорени се и трансферите на уште двајца првотимци, Костас Манолас и Леандро Паредес, кои своите кариери ги продолжуваат во дресот на Зенит.

Рускиот прволигаш тргнува амбициозно на пазарот бидејќи челниците на клубот настојуваат да ги исполнат желбите на новиот тренер Роберто Манчини, кој инсистира на засилувања од Серија А. Манолас ќе го чини Зенит 25 милиони евра, додека за Паредес раководството на клубот од Санкт Петеребург ќе издвои дополнителни 20 милиони евра.

Откако во изминатите денови стигна до речиси 100 милиони евра од продажбата на фудбалери, директорот Мончи во следниот период би требало да доведе неколку квалитетни засилувања на „Олимпико“. За очекување е Рома во следните денови да го комплетира трансферот на Кардорп од Феенорд и да ги интензивира преговорите со плејмејкерот на Ница, Жан Сери. Сепак, најтешкиот дел од задачата ќе биде да се најде замена за Салах, кој лани беше еден од најдобрите фудбалери во таборот на Рома.

Се вчитува...