Роналдо најдобар во Португалија, Жардим пред Мурињо

Ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо заедно со стратегот на францускиот првак Монако, Леонардо Жардим, си „собраа“ главните награди на португалските фудбалски „оскари“ за 2017 година.

33-годишниот офанзивец и капитен на португалската репрезентација, Роналдо, ја доби наградата за најдобар португалски фудбалер, трета година во низа. Во конкуренција за оваа награда беа и голманот на Спортинг Лисабон, Руи Патрисио, како и фудбалерот на Манчестер сити, Бернардо Силва. Оваа награда се доделаува во последниве три години, а Роналдо е единственото име кое стои изгравирано на наградата.

„Зад мене е една одлична и незаборавна сезона. Со Реал успеав да ја одбранам европската титула, се искачивме на тронот во Шпанија, додека освоивме вкупно пет трофеи. Мило ми е и за ова признание, се гордеам што на најдобар можен начин ја претставувам мојата нација. Наградата ја заслужуваат и моите соиграчи, но ако луѓето сметаат дека сум најдобар, така е затоа што го покажувам тоа на теренот“, истакна Роналдо.

Роналдо имаше почеток на оваа сезона за заборав, но од 2018 година е во сосема различно издание. Петкратниот освојувач на „Златната топка“ моментално е незапирлив со 21 погодоци на само 13 натпревари, тој е една од причините што Реал и натаму е во конкуренција да го брани пехарот во Лигата на шампиони.

Тренерот на актуелниот француски шампион Монако, Леонардо Жардим заслужено ја освои наградата за најдобар португалски стратег, пред менаџерот на „црвените ѓаволи“, Жозе Мурињо. Мурињо сепак, доби утешна наградата за одлично претставување на земјата како амбасадор.

Се вчитува...