Розберг одново ќе го предизвикува Хамилтон

Поранешниот шампион во Формула 1, Нико Розберг, одново ќе се соочи со својот екс-клупски колега и најголем ривал, Луис Хамилтон. Само што овој пат тоа нема да биде натпревар на патеката, туку дуел пред микрофон. Розберг кој по освојувањето на шампионската титула во 2016 година, изненадно се повлече од Ф1, потпиша договор со германската телевизија РТЛ и во 2018 година ќе ја има улогата на стручен коментатор за Ф1. На таа позиција, Розберг ќе го замени Ники Лауда, така што неминовно ќе треба да разговара со Хамилтон пред камерите.

Своето деби во коментаторска улога, Розберг ќе го има на првата трка од новата Ф1 сезона, во март во Мелбурн.

Татко ми беше коментатор на РТЛ пред Ники Лауда, така што јас сега ја продолжувам семејната традиција“ – изјави Розберг за својот нов ангажман.

Луис Хамилтон и Нико Розберг некогаш беа добри пријатели, но ги заладија односите додека возеа заедно во тимот на Мерцедес. Во едно неодамнешно интервју на прашањето за односите со Розберг, Хамилтон рече дека нема намера да го обновува пријателството со својот поранешен клупски колега.

„Последно разговаравме на трката во Јапонија. Но, јас немам намера да трошам енергија за да ги сменам нашите односи“ – рече Хамилтон.

Се вчитува...