Рожерио: Со Вардар го живеам мојот сон

Ракометарот на Вардар, Рожерио Мораеш во интервју за официјалната веб страница на РК Вардар, вели дека го живее својот сон во Скопје со европскиот првак. Бразилскиот „џин“ истакна дека ужива во секој момент на теренот носејќи го црвено-црниот дрес.

„Уживам во секој момент тука. Никогаш не сум помислил дека ќе играм за добар клуб како што е Вардар, ниту пак дека ќе бидам европски шампион. Ова е остварување на мојот сон, сон на моето семејтство, на моите пријатели и сите оние кои го сакаат ракометот во Бразил.  Никогаш не помислував дека ракометот ќе биде мојата професија, а сега не само што ја претставувам мојата земја, туку сум и првиот Бразилец кој ја освоил европската титула. Ракометот во Бразил не е многу популарен, а јас успеав да внесам инспирација во луѓето, успехот со Вардар го прошири овој спорт во мојата држава“, вели Рожерио.

Пивотот на Вардар истакна дека му се допаѓа животот во Скопје, и целото внимание кое го добива од луѓето. Од најубавите моменти поминати во главниот град, Мораеш секогаш ќе го памети мечот со Фленсбург во салата „Јане Сандански“, како и пречекот во центарот на градот по освоениот европски трон.

„Ми се допаѓа Скопје, многу брзо се адаптирав на оваа средина. Времето е добро, храната е вкусна, градот има се што ќе посакаш. Љубовта кон ракометот тука е голема, луѓето на улица те застануваат, сакаат афтограми, заеднички фотографии, нешто што во Бразил е речиси невозможно да се случи. Секогаш ќе го паметам мечот со Фленсбург во „Јане Сандански“, полни трибини, неверојатна атмосфера, а ние издвоивме победа, навистина прекрасен момент. Доаѓањето во Скопје со европската титула, исто така ќе ми остане како најубав момент во кариерата, тоа беше незаборавна слика“, додаде Мораеш.

Се вчитува...