Рудеж: Кај Македонија нема средина, или игра феноменално или очајно лошо

Словачкиот селектор Иван Рудеж го објави списокот од 13 кошаркари на чии услуги ќе смета во следните денови, во пресрет на дуелот со Македонија в четврток на стартот од претквалификациите за ЕП 2021. Кормиларот на нашиот прв ривал е свесен дека неговиот состав го чека тежок предизвик, со респект гледајќи кон нашиот национален тим.

Само за потсетување, Словачка и Македонија минатото лето одиграа две контролни средби, првата ја добија Словаците со 89-74, додека втората беше прекината од страна на судиите при водство на нашиот национален тим, поради наводен притисок врз арбитрите.

„Важно е што веќе игравме со нив годинава, така што знаеме доста работи за играта на Македонците. Сигурно ги респектираме, но кај Македонците нема средина, или играат феноменално, или очајно лошо. Го задржаа селекторот, имаат комбинација од младост и искуство, се уште во тимот имаат неколку кошаркари од Евробаскет 2011. Според последните информации во тимот ќе го немаат Џордан Теодор, па местото на натурализиран играч ќе му припадне на Мекејлеб или на Ричард Хендрикс“ – изјави словачкиот селектор.

Големо засилување за Словаците ќе биде вклучувањето во националниот тим на Кајл Курик од Зенит, кој ќе го заземе местото на натурализиран играч во оваа селекција, што најверојатно ќе значи дека Андре Џонс дуелот со Македонија ќе го следи од трибините.

Македонскиот селектор Јорданчо Давитков в понеделник ќе ја одржи првата прозивка во СЦ „Јане Сандански“. Тој досега го објави само поширокиот список, но се уште е нејасно кои кошаркари ќе се појават на првиот тренинг, откако Перо Антиќ објави дека нема да настапи ниту во овие претквалификации, а останува и дилемата дали некој од натурализираните кошаркари кои се најдоа на поширокиот список ќе се појави на тренинг за да му се стави на располагање на Давитков.

СОСТАВ СЛОВАЧКА:

Далибор Хливак (Карловка Братислава), Шимон Крајчович (Левик патриотс), Марио Ихринг (Капо Д’Орландо), Андре Џонс (Торино), Мартин Бачан (Левик патриотс), Станислав Балдовски, Ричард Корнер (Кошице), Кајл Курик (Зенит), Јарослав Мусил (Приевиџа), Томаш Мрвиш (Интер Братислава), Михал Батка (Интер Братислава), Петер Седмак (Кошица), Михаел Фусек (Шарлроа).

Се вчитува...