Русија по голема битка до четврт-финале, Романија елиминирана

Репрезентацијата на Русија по огромна битка успеа да го скрши отпорот на Јужна Кореја и дури по продолженија од два пати по пет минути славеше со 36-35, пласирајќи се во четвртфиналето од ракометниот мундијал за жени. Русинките имаа предност од 16-13 по првото полувреме, за потоа Корејките да направат пресврт, па „зборнаја“со гол во самиот финиш едвај да стигне до продолженија. Русија сепак доминираше во дополнителните десет минути, го контролираше резултати и стигна до место меѓу најдобрите осум селекции.

Чешка приреди огромно изненадување земајќи го скалпот на Романија, совладувајќи го големиот фаворит со минимални 28-27. Романија предводена од Кристина Неагу тргна фуриозно во натпреварот, поведувајќи со 15-10 во текот на првото полувреме. На одмор се замина со резултат 17-14, а Неагу за 30 минути игра имаше постигнато осум погодоци. Клучна беше промената на голманот на Чешка, откако во вториот дел во игра влезе Кудлацкова и целосно ги исфрли од ритам противничките ракометарки. Во неизвесна завршница Неагу од пенал израмни на 27-27, за Чешка да постигне гол пред последниот свиреж на сирената и да се пласира во четвртфинале. Јерабкова со седум гола беше најефикасна кај победничката селекција, додека Неагу го заврши натпреварот со 13 гола, од вкупно 19 обиди.

Се вчитува...