Русија со три клуба во Лигата на шампионите

Со испаѓањето на Порто од Јувентус во осминафиналето од Лигата на шампионите, Португалците загубија едно место во ЛШ. Тоа место ќе и припадне на Русија која од 2018 година ќе има три клуба во најелитното европско клупско натпреварување, а од португалската лига во ЛШ ќе играат само два клуба.

Португалските клубови оваа сезона имаа исклучително лоши резултати во европските натпреварувања. Во Лигата на шампионите, Спортинг заврши на последното место во групата, Бенфика во осминафиналето испадна од Борусија, а Порто од Јувентус.

Но, кобни беа слабите резултати на португалските екипи во Лига Европа, натпреварување во кое Португалците вообичаено се многу успешни. Рио Аве и Арука испаднаа во квалификациите, а Брага не ја помина групата. Од друга страна руските Краснодар и Ростов стигнаа до осминафиналето и имаат шанса да се пласираат и во четвртфиналето на ова натпреварување. Зенит испадна во 16-финалето од Андерлехт, Спартак испадна во квалификациите, а ЦСКА Москва го заврши настапот во групната фаза од Лигата на шампионите.

Русите така собраа повеќе бодови од Португалците и ги престигнаа на табелата. Следната сезона ќе нема промени, а од сезоната 2018/2019 Русија за прв пат ќе има три клуба во Лигата на шампионите.

Се вчитува...