Самарџиски без желба да помогне на репрезентацијата

Селекторот Јорданчо Давитков изрази жалење што не може да смета на сите македонски кошаркари кои би можеле да помогнат, дел од објективни, а дел од субјективни причини.

Се обидов и разговарав со сите кошаркари, овие 24 и уште неколкумина. Впрочем, реално ние немаме преголем избор за манипулација околу изборот на играчи за репрезентацијата. Би имале уште една добра петорка, со Дамјан Стојановски, Магдевски, Самарџиски, Соколов… но не можат да настапат од разни причини, дел поради повреда, дел одбија да настапат од свои причини. Имаме проблеми со ростерот, но ние ќе се обидеме да го извлечеме максимумот од она што го имаме на располагање“ – изјави Давитков.

Плановите за репрезентативна пензија и покрај разговорите со новиот селектор не ги променил центарот Предраг Самарџиски.

Имав неколку разговори со Самарџиски, слободно можам да кажам дека беа многу долги, во кои се обидов да го убедам да се врати во репрезентацијата. Му посочив дури и дека репрезентацијата во моментов му е попотребна на него отколку тој на националниот тим, бидејќи има проблеми на клупски план, но Самарџиски остана на ставот дека има проблеми со колената, дека веќе се повлекол од националниот тим и не сака да ги менува плановите. За разлика од останатите играчи како Антиќ и Чековски, кај кои почувствував желба дека би можеле да помогнат, Самарџиски не даваше впечаток дека сака да игра за репрезентацијата, па затоа и не го ставив на мојот список“ – изјави Давитков.

Воедно, селекторот откри дека неизвесен е настапот и на Бојан Трајковски, кој се мачи со повреда на тетивата и ќе треба да отсуствува уште извесно време, па не се знае дали тој ќе може да помогне во следниот квалификациски циклус.

Се вчитува...