Само Работнички, од македонските екипи, би бил меѓу носителите на европската сцена!

Со привршувањето на националните шампионати ширум Европа веќе се дефинираат и листите за почетните квалификациски кола за Лигата на шампионите и Лигата на Европа.

Од четирите македонски екипи кои ова лето треба да не претставуваат во Европа досега познато е дека Вардар повторно ќе биде нашиот претставник во квалификациите за ЛШ, додека Шкендија има сигурно место во квалификациите за ЛЕ. Во битката за останатите две места за Лигата на Европа остануваат во последните три првенствени кола Работнички, Пелистер и Ренова.

Од македонски тимови, единствено Работнички повторно би бил меѓу носителите во 1. квалификациско коло за ЛЕ. Со рејтинг коефициент 3.875, „романтичарите“ се точно на границата која ги дели носителите од аутсајдерите во првото коло, но на носителската листа. За разлика од претходните години, Работнички сега е со понизок рејтинг коефициент, но сепак, согласно и досега познатите екипи учесници во квалификациите за ЛЕ, ќе биде меѓу 50 екипи кои се носители.

Шкендија, пак, со рејтинг коефициент 3.375 најверојатно ќе биде на аутсајдерската листа, исто како и Пелистер и Ренова, доколку обезбедат учество на европската сцена.

Како што е познато, Вардар ќе биде меѓу аутсајдерите во 2. квалификациско коло за Лигата на шампионите. Од можните противници на „вардарци“ на стартот од натпреварите во Европа, досега познати се шкотски Селтик, Салцбург, Копенхаген, Лудогорец, БАТЕ Борисов, АПОЕЛ, Марибор, Карабах, Малме, Астана, Розенборг, Хапоел Бер Шева како и шампионите на Хрватска (Ријека или Динамо З.) и Србија (Ц. Звезда или Партизан).

Се вчитува...