Само „вардарки“ со осум бода во главната фаза од ЛШ

Екипата на Вардар е единствената штo пренесува максимални осум бода во главната фаза од Лигата на шампиони за ракометарки, откако „црвено-црните“ во првата рунда по групи забележаа максимални шест победи. Според пропозициите, сега се формираат нови групи од шест екипи, па „вардарки“ ќе ги пренесат осумте бода освоени против Ференцварош и Турингер, додека во следната фаза ќе ги очекуваат дуели со Мец, Будуќност и Битигхајм. Мец ќе влезе во главната рунда како второпласиран со шест бода, ФТЦ и Будуќност ќе имаат по четири, Битигхајм пренесува два бода, додека Турингер нема ниту еден бод.

Како што е веќе познато, пласман во четвртфиналето обезбедуваат четирите најдобри селекции во групата, кои потоа разигруваат за место на фајналфор со Топ 4 екипи од втората група, во која се наоѓаат ЧСМ Букурешт, Ѓер, Ростов, Никобинг, Крим и Митјиланд.

Само за потсетување, „црвено-црните“ се редовни учеснички на фајналфор турнирот во Будимпешта во последните години, а лани по голема битка во финалето дури по продолжение загубија од Ѓер.

Се вчитува...