Само во ракометот: ПСЖ си пазари голман две години однапред

Ракометот е можеби единствениот спорт во кој клубовите ги планираат своите трансфери и до две години однапред, па така ПСЖ синоќа го договори доаѓањето на голманот Винсен Жерар, дури во јули 2019 година. Договарањето на вакви трансфери обично се однесува на рок од околу една година, но „светците“ реагираа на ваков начин за да го осигураат потписот на Жерар како наследник на Тиери Омејер.

Ветеранот потпиша нов договор со актуелниот првак на Франција, но „светците“ не оставаат ништо на случајноста, па веќе го договорија доаѓањето од Монпелје на Жерар, кој воедно е и наследник на Омејер во францускиот национален тим по повлекувањето на ветеранот.

Омејер останува прв голман на ПСЖ и за следната сезона, но таборот на францускиот првак ќе го напушти резервниот чувар на мрежата, словенечкиот ветеран Горазд Шкоф. На негово место веќе е договорено доаѓањето на Шпанецот Родриго Коралес.

Се вчитува...