Сан Антонио без одговор за тројките на „ракетите“

Кошаркарите на Хјустон рокетс неочекувано лесно и убедливо славеа во Сан Антонио со 99-126, за водство од 1-0 во оваа полуфинална серија од Западната конференција. „Ракетите“ упатија дури 50 шутеви за тројка, погодувајќи 22, бројки што претставуваат рекорд во НБА-лигата на дуелите против Сан Антонио спарс. Целата приказна на синоќешниот дуел беше решена за само две четвртини, откако „ракетите“ на одмор заминаа со преубедливи 39-69, предност што рутински ја сочуваа до самиот крај.

Шестмина кошаркари на Хјустон завршија со двоцифрен ефект, најефикасен беше Ариза со 23 поени, Џејмс Харден постигна 20 поени, исто колку и Клинт Капела, за кого ова беше личен рекорд на плејофот. Леонард со 21 поен беше прв стрелец на спарси, но целосно потфрли Олдриџ, кој постигна само четири поени.

Кливленд одигра шампионски на стартот од серијата со Торонто, триумфирајќи на домашен терен со 116-105. Актуелните прваци не дозволија победата да им биде доведена во прашање, по три четвртини имаа предност од над 20 поени, по што „рептилите“ до крајот успеаја само да го ублажат поразот. Леброн Џејмс одигра уште еден одличен натпревар, постигнувајќи 35 поени, 10 скока и 4 асистенции, Ирвинг постигна 24, а Кевин Лав 19 поени за Кливленд, кој се уште е без пораз во плејофот оваа сезона.

Се вчитува...