Се буди ли Интер: Офанзива по Артуро Видал

Огромната пасивност на раководството на Интер во овој преоден рок придонесе „нероаѕурите“ да паднат во длабока сенка на амбициозниот проект на градскиот ривал Милан. Челниците на клубот се свесни за незадоволството на навивачите, па вчера во Кина бил одржан состанок на кој техничкиот координатор Валтер Сабатини и спортскиот директор Пјеро Аусилио се сретнале со највисокото раководство на „нероаѕурите“.

Заклучокот бил дека мора што поскоро на тренерот Спалети да му бидат доведени квалитетни засилувања за да има време да го воигра тимот и потоа да атакува на резултати што би биле далеку подобри од оние ланските. Преговорите со Сасуоло за Берарди се веќе стартувани, но челниците на клубот се свесни дека е неопходно да се ангажира и најмалку еден врвен фудбалер за кревање на атмосферата во тимот.

Како што јавува „Газета дело спорт“, изборот е паднат врз Артуро Видал, откако Чилеанецот истакнал дека не е најсреќен во Баерн Минхен и би ја разгледал можноста за враќање во Италија. Интер веќе има обезбедно 50 милиони евра што би ги понудил на баварскиот гигант, додека за Видал е подготвена понуда за четиригодишен договор вреден седум милиони евра по сезона.

За очекување е официјалните преговори да стартуваат во следните неколку дена, се со цел Интер што поскоро да го доведе Видал, но сигурно е дека Баерн нема така лесно да се откаже од Чилеанецот, во ситуација кога средниот ред е веќе ослабен со пензионирањето на Чаби Алонсо, а се најавува и заминување на позајмица на Ренато Санчез.

Се вчитува...