Се подготвува мегаразмена: Верати доаѓа во Барселона, Нејмар оди во Париз?!

Барселона и Пари Сен Жермен би можеле да ја направат најголемата размена во светот на фудбалот во последните неколку децении. Шпанскиот клуб е подготвен да му дозволи на Бразилецот Нејмар да си замине од „Камп Ноу“, но да го добие италијанскиот плејмејкер од ПСЖ, Марко Верати. Доколку оваа мегаразмена се реализира, сигурно ќе одекне неверојатно силно во европскиот фудбал во претстојниот летен преоден рок.

По заминувањето на Чави, очигледно е дека Барселона нема вистински плејмејкер во својата игра, а потребен им е насушно, со оглед на стилот што го практикува каталонскиот гигант. Единственото решение се чини дека е токму Марко Верати, кој со своите потези многу потсетува на Чави. Умее да ја диктира играта на својот тим, неговите проигрувања го менуваат темпото, да асистира во вистински момент. Тоа дефинитивно и е потребно на Барселона, која полека го губи идентитетот од минатото, бидејќи и Андрес Иниеста навлезе во зрели фудбалски години.

NEJMAR PSZ

Од друга страна, ПСЖ веќе две сезони се обидува да го купи Нејмар. Бразилевцот е голема желба на претседателот на клубот Насер Ал – Келаифи, и би можела да биде реализирана токму ова лето. Тој од 2013 година е во Барселона, и иако одлично се вклопи со Лионел Меси и со Луис Суарез, сочинувајќи убиствено трио, се чини дека потребен му е и нов предизвик во кариерата.

Двајцата фудбалери се проценети на околу 80 милиони евра, што значи дека и Барселона и ПСЖ не би требало дополнително финансиски да вложуваат во оваа потенцијална мегаразмена, освен да се сложат дека еден од своите најдобри фудбалери ќе си замине од клубот. Многу извесно е дека и двата тима ќе добијат нови тренери, Барселона сигурно, а најверојатно и ПСЖ, па и тие ќе треба да го дадат својот збор за оваа неверојатна најава за размена на фудбалери.

Се вчитува...