Седлоски: Копенхаген е посилен од Малме, но ние можеме до триумф

Македонскиот првак Вардар утре, со почеток во 20 часот, го пречекува данскиот шампион ФК Копенхаген во првиот меч од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите. Тренерот Гоце Седлоски истакнува дека неговите избраници се максимално мотивирани, и пред се подготвени за големиот дуел против Копенхаген. Потенцира дека Копенхаген е силен противник, и очекува уште потешка пресметка од двомечот со Малме, но и најавува дека победата не е невозможна доколку фокусот и мотивацијата на нашиот тим се на високо ниво.

„Утре е прво полувреме, или првите 90 минути од двомечот. Можам да кажам дека знаеме што не’ чека, бидејќи Копенхаген е уште посилен противник од Малме, па затоа игра речиси секоја година во Лигата на шампионите. Затоа треба да покажеме максимален респект кон противникот. Се надевам дека со истото темпо и истиот фокус од натпреварите со Малме, ќе пристапиме и утре на „Филип Втори“. Очекувам мотивацијата да биде на високо ниво, доколку ја играме нашата игра, можеме да триумфираме. Знаеме како скандинавците играат фудбал. Сметам дека се е анализирано, секој играч ја доби својата задача, и максимално сме подготвени за дуелот“, истакна шефот на стручниот штаб на Вардар.

Се вчитува...