СЕДМЕРЕЦ број „100“: Лино си оди, навистина си оди! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Фудбал
22/06/2017 22:35
Фудбал
22/06/2017 22:12
Фудбал
22/06/2017 21:43
Фудбал
22/06/2017 19:15

СЕДМЕРЕЦ број „100“: Лино си оди, навистина си оди!

Билјана Б. Петрушева

Случајно се погоди јубилејниот 100-ти седмерец да го „шутне“ токму Лино Червар со своето проштално селекторско писмо. Заслужено, и така  „маго“ имаше „најголема минутажа“ во изминатите 99, со сите добри и лоши експерименти во наша мила Македонија.

1.„Пишем ти писмо да заједно нисмо…“

Лино Червар не е повеќе селектор на Македонија. Ова сега е ептен официјално. За оние што не веруваа(т), стигна писмото директно од Пореч. „Маго“ очекувано, „раскина“ со Македонија, и се врати пак во својата Хрватска.

Епилогот беше очекуван уште многу одамна, само сагата траеше непотребно долго. И на крај се заврши со едно проштално писмо.

„Фала и пријатно!“

А, „крв проплукавме“ во изминативе седум години додека не стана Лино Червар селектор на Македонија. Да, официјално, од почит кон „ликот и делото“, беше дека Македонија го моли, а тој се жртвува и ја спасува.

А всушност, седум години Лино Червар им дишеше во врат на сите претходни македонски селектори додека не седна на клупата. Оние што се малку подолго во и околу македонскиот ракомет убаво паметат кој му направи бојкот на Љубомир Савески пред да биде сменет, кој „му мафташе“ со македонски пасош на Звонко Шундовски два дена пред настапот на СП во Шпанија, кој „му ги испрати“ репрезентативците на Ивица Обрван да трчаат на кеј пред СП во Катар и кој му пушташе пораки пред олимписките квалификации „да сам хтио ја би био“…

И, бидна, неколку месеци подоцна. И заврши една година потоа. И од десет месеци како селектор на Македонија, шест беше во преговори со Хрватска…

Толку беше и од големите планови, големата љубов, силниот патриотизам во соблекувалната, големите предизвици, епохалните реформи, четиригодишните планови, Олимпијадата во Токио…

Експериментот успешен, само епруветата изгледа била скршена.

2. Памет за друг пат

Не дека нешто многу жалиме, ама ред е да се спомене, да не ни се потвори одново и одново пак „да паѓаме во несвест“ по големите имиња кои многу ветуваат, а на крај Македонија им е само небитна попатна станица.

Да бидеме начисто. Лино Червар е и ќе остане големо име во ракометот. Направи реформа во Металург, стигна два пати до четвртфинале во ЛШ, „избруси“ по некој македонски дијамант, покрај оние српски, хрватски, босански…ирански.

Во репрезентацијата, од многу ветено, остана малку сторено. А доби се што побара и безрезервна доверба и четиригодишен договор, и улога на коориднатор на сите македонски репрезентации, и стручен штаб „со 365 помошници“.

Во едно од првите интервјуа кога дојде во Македонија, Лино Червар рече дека кога ќе замине сака зад себе да остави нешто по што вечно ќе го паметат. Во Металург сигурно има по што да го паметат. Впрочем, таму и не стигна прошатално писмо…

Како селектор на Македонија, па и не остави нешто многу за „незаборав“. Освен експериментите, „белите глувци“, емоционалните празнења, подмладувањето со ветерани, фамозните „7 на 6“, 15. место на СП…и прошталното писмо.

И поука за РФМ „да отворат четири очи“ во изборот на следниот селектор. Внимателно со „пензионерите“, со „почетниците“, со компромисите,  со договорите, со „џентлменството“ , со „членот бр.2“…

И еднаш засекогаш нека ни влезе во глава – Македонија бира!

Не ја бираат Македонија и не и прават услуга оние што „срдечно“ се нудат.

3. Тренери, каде сте?

На секоја селекторска смена, а ги имаме во изминативе две децении рамно 23, секогаш се отвора прашањето дали селекторот да биде Македонец или странец? Тоа е нашата вечна дилема…

Е, тука стапува на сцена тренерската фела. Факт е дека „како својот не е никој“ и дека македонската репрезентација токму со македонски селектори ги има најголемите успеси. И треба да имаат предност пред другите и статус и респект најмалку исто како „обожуваните“ странци. Но, и во прв план да биде професионалноста и квалитетот, а не името и желбата.

Факт е и дека на прстите од пола рака се бројат македонските ракометни тренери со ЕХФ Мастер лиценца и оние што се вистински кадарни да седнат на клупата на националниот тим.

Факт е и дека во Македонија ракометните тренери се во подредена улога. Исто како што е факт дека повеќе од нив и не се бунат нешто многу-многу за својот подреден статус.

Па така на клупата на македонскиот шампион Вардар, газдата два пати седна и стана тренер во ЛШ, а вистинските тренери сервилно му ја држеа таблата.

Женскиот Вардар повторно има тренер дебитант на клупата и тоа ни помалку ни повеќе за завршницата во Лигата на шампионите. Ирина Полторацкаја, сега Дибирова, како играч беше име и презиме во ракометот. Како тренер е почетник и ќе го учи занаетот на клупата на Вардар во Лигата на шампионите.

Кои се критериумите да се биде ракометен тренер во Македонија. Или селектор. Знае ли некој?

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.