СЕДМЕРЕЦ: „Ел команданте“ во нова битка - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Кошарка
22/08/2017 15:25
Меѓ. Фудбал
22/08/2017 13:31
Коментари
21/08/2017 19:51
Фудбал
21/08/2017 18:52

СЕДМЕРЕЦ: „Ел команданте“ во нова битка

Билјана Б. Петрушева

Селекторот мирно „пука со два пиштоли“, некои пак со „ќорци“ се обидуваат да „чепнат“ од заслугите и од славата

1. А, кој го откри Арпад Штербик?!

Читам вчера славиме една недела на врвот на Европа. Во Македонија се се слави, а не пак европска титула која ни доаѓа еднаш на 15 години. Се израдува Македонија и излезе да ги пречека шампионите од Келн. Се израдуваа и вардарци и секој го прослави моментот на свој начин. Прослави на свој начин и тренерот Раул Гонзалес и уште еднаш ги освои симпатиите на македонската публика. Прво со тактиката со која мирно го водеше Вардар до европскиот трон, а потоа и со начинот на кој ја прослави титулата со македонската публика. Шпанецот што гордо зборува македонски се поклони пред публиката, а по она симболично салутирање од бината стана македонски „ел команданте“.

И додека вардарци заслужено уживаа во единствените моменти, во овие седум дена од титулата и некои се обидоа да фатат малку од „светлата на рефлекторите“. Да „чепнат“ од славата, да си припишат дел од заслугите. Па некој се пофали дека „ги открил“ ракометарите, други дека верувале, па овие затоа победиле, трети дека заедно пиеле кафе…

И додека овие се обидуваат „со ќорци“ да погодат нешто ако може, Раул „ел команданте“ со сигурна рака пука од два пиштоли. Со Вардар погоди директно во целта, го однесе македонскиот шампион во Келн и се врати со титула. Сега го чека и оној вториот предизвик – да ја однесе македонската репрезентација на ЕП 2018 во Хрватска.

Со Исланд добро почна, со Украина и со Чешка треба само да ја доврши работа во овој квалификациски циклус.

И, да оправи нешто од оние што пред него пукаа во празно.

2. Полека, ќе биде…

Уште под импресии од шампионскиот настап на Вардар во Келн, два дена по враќањето, Раул Гонзалес се фати за селекторските обврски и ја имаше првата прозивка на репрезентацијата за двата завршни натпревари од квалификациите за ЕП 2018.

Има мали повреди и голем умор на крајот од сезоната, интернационалците доаѓаат денеска и „ел команданте“ ќе има само три дена во полн состав да го подготви тимот и да „нанишани“ победа во Украина.

„Имаме три дена, ама и другите репрезентации се во таква ситуација. Имаме проблеми, ама полека…“, смирено вели селекторот.

Целта на која сега пука „ел команданте“ е да ја однесе македонската репрезентација на Европско првенство во Хрватска. Има два „куршуми“ за да ја погоди целта. Првиот на гостувањето во Украина, вториот дома со Чешка.

Групата е измешана, но очекувањата Македонија и следниот јануари да биде на ЕП добиваат се пореален облик.

Пред нешто повеќе од еден месец помалку загрижено „мудрувавме“ дали ќе може Раул Гонзалес онака дебитантски, подеднакво успешно да го води Вардар во завршницата на ЛШ и македонската репрезентација заглавена во квалификациите и да се „рестартира“ од едното на другото за десетина дена.

Вардар во Келн, Македонија во Хрватска, тогаш беше она „идеално проектирано сценарио“. Сега на половина пат изгледа и многу реално остварливо.

Полека, ќе биде…, што би рекол селекторот.

3.Далеку е Шведска

Надежта за СП, пак кратко траеше за најдобрите македонски ракометарки во баражот со Шведска. Швеѓанките завршија работа уште по првите 60 минути во „Кале“ , па со залихата од 11 гола, утрешниот реванш во Истат ќе биде само обична формалност.

Посакувавме изненадување и сензација, сепак, ни желбата, ни публиката не беше доволна женската репрезентација да го прекине долгогодишниот пост и да се врати на на големите натпреварувања. Баражот е чекор напред за македонскиот состав, но Шведска, се уште е многу далеку.

За оној вториот поголем чекор ќе треба уште малку време и трпение. И уште многу памет и работа.

Ракометарките од репрезентативен калибар ги немаме многу „на лагер“. А, сепак, некако премногу лесно отпишува и после тешко ги враќаме и не учиме нешто многу на старите грешки. Пет години ја немавме Бајрамовска, сега некако премолчено ги губиме Сара Митова, Симона Стојановска…Заради слабата форма, или можеби, за еден „лајк“ на фејсбук. Во оваа и ваква репрезентација, малку преголем луксуз.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.