СЕДМЕРЕЦ: Големи и мали - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Фудбал
20/09/2017 17:32
Фудбал
20/09/2017 15:30
Ракомет
20/09/2017 13:46
Кошарка
19/09/2017 18:29

СЕДМЕРЕЦ: Големи и мали

Билјана Б. Петрушева

Ако по утрото се познава денот, сезонава ќе биде „весело“…

1.„Супер глоуб“ и не е толку супер

Кога Штербик не е Штербик, ни Вардар не е оној шампионскиот. Се потврди тоа уште еднаш и во деби настапот на „црвено-црните“ на  „Супер Глоуб“ во Доха. Вардар загуби од Барселона и се прости од финалето и од шансата да стигне до перфектни „пет од пет“ титули за минатата сезона. Или, ако сакате повеќе, да ја отвори новата сезона со титула и на европската да ја додаде и оваа од неофицијалното светско клупско првенство. Со поразот од Барселона отиде и шансата да се се „освежат“ вардарци со чекот од 400.000 долари пред стартот на новата сезона полна со неизвесност.

За разлика од полуфиналето во Келн кога „црвено-црните“ ја шокираа големата Барселона, три месеци подоцна, во полуфиналето во Доха улогите се сменија. А, во голем дел и играта на вардарци. Европскиот шампион не направи некои драстични промени во составот во однос на лани, но  во оваа прва посериозна проверка пред новата сезона, се гледа дека недостасуваат головите и луцидноста на Алекс Душебаев и дека „големиот“ Криштопанс, барем засега, не може да го замени на исто ниво. А кога на тоа ќе се додаде и големиот Штербик во скромно издание, тогаш и не чуди инфериорноста на Вардар и поразот од Барселона.

Но, сепак ова е само  пред-почеток на новата сезона и „таму некој небитен Супер Глоуб“, како што велат некои од навивачите на „црвено-црните“. Приказната ќе беше сосем поинаква ако победеше Вардар. Тогаш ќе беше „газење и палење“  и светски шампиони, нормално.

Како и да е, најголемиот предизвик за Вардар во новата сезона ќе биде одбраната на титулата во Лигата на шампионите. Шанса да и се реваншираат на Барса, вардарци ќе имаат веќе во групната фаза.

2.Да не биде дека само домаќинот победува!

За разлика од претходните неколку години, и вардарки летово ги фати „сушна“ претсезона без трофеи. На избраничките на Ирина Дибирова на „среде Скопје“, мерка им зеде Ростов Дон. Рускиот тим засилен со Катарина Булатовиќ, го освои „Вардар 2017“ и најави дека е и тоа како сериозен кандидат за влез во „големата европска четворка. Скопскиот турнир со Вардар, Будуќност и ЧСМ Букурешт годинава фактички беше „Ф4 во мало“ . Недостасуваше само Ѓер за четворката да биде комплетна и горе-долу, да се види каков ќе биде односот на силите во женската ракометна елита.

Вардарки сезонава ќе бркаат „петта среќа“  за европска титула во ЛШ. Во однос на лани, посилни со Драгана Цвијиќ во составот, но и со товар на ситуацијата во клубот – „ни на небо ни за земја“. Ако по утрото се познава денот, сезоната ќе биде „жешка“ и тешка.

3.Не се секирајте, не си оди…

Селекторот на младинската репрезентација, Илија Темелковски јавно му забележа на Лино Червар дека си го присвојува секој успех во македонскиот ракомет и во себепромоцијата мисли дека „македонскиот ракомет почнал и ќе заврши со него“. За селектор под чие водство стојат двата највисоки пласмани во историјата на македонскиот репрезентативен ракомет на европските и на светските првенства, како што вели, чашата ја прелиле изјавите на Червар во кои тој се промовира како најзаслужен за успехот на младинците на СП во Алжир. Темелковски јавно го крена гласот за она што другите македонски тренери вообичаено  „гласно молчат“ и ја подотвори „Пандорината кутија“ за различните аршини и привилегии што ги имаат „странците“ во македонскиот ракомет. За успехот и неуспехот, но и за македонскиот„бекстејџ“ на СП Франција во стручниот штаб на сениорската репрезентација кога Червар беше селектор, а тој негов помошник.

На интервјуто на Темелковски, Червар очекувано реагираше во свој стил. Ја информира јавноста, онаа македонската, дека после СП во  јануари си заминува од Хрватска, ама „од Македонија нема да си оди никогаш“. А мисијата во својата втора татковина сака да ја заврши со медал на јуниорското ЕП на кое Македонија ќе биде домаќин во 2019 година. Со македонската репрезентација, се разбира.

Едно време беше Токио 2020 во шема, ама овие „домашните првенства“ изгледа секогаш се посигурна карта. Страв од неуспех или добра тактика, од мал да правиш голем предизвик и да знаеш да ја „продадеш“ приказната, онака, убаво „спакувана“?

Кој ќе знае…

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.