СЕДМЕРЕЦ: Интересот приватен, грижата национална

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Оти, кога ќе снема пари, веднаш се активира „проектот“ – Се за доброто на македонскиот ракомет?!

1.Вардар македонски

Не е ништо ново, само сега е и официјално потврдено од клупското раководство – толку од ЖРК Вардар во ѕвездено шампионскиот формат. Во иднина женскиот Вардар ќе биде млад македонски, тинејџерски (така некако му доаѓаат тие генерации 2002-2004). Планот е, како што презентираа пред јавноста,  работа на подолг рок „да им се наметне амбиција на младите македонски ракометарки во иднина тие да станат дел од македонската репрезентација за ЕП 2022“.

И сето тоа би било добро да не беше малку задоцнето. И да не беше ланскиот „репрезентативен проект“ во Вардар – нека се снаоѓа кој како знае, овде не ни требате…

Во изминатите шест години од проектот „голем Вардар“, на македонската репрезентација и на македонските репрезентативки баш и не се мислеше нешто многу, многу. Подмладокот и академиите се и така „платиш-играш“, а лани брутално беше распуштен вториот тим, практично повеќе од пола репрезентација, онаа сегашната актуелна македонска репрезентација која со години мака мачи повторно да застане на нозе. Мислеше ли тогаш некој за иднината на тие релативно, млади ракометари и за доброто на македонскиот ракомет?

Некој ќе рече нивно право, приватен клуб, приватни интереси. Купуваат кого сакаат, бркаат кого ќе решат. И донекаде, така и е.

Што се смени во меѓуврме во тековите на Вардар? Очигледно, (ќе) се смени буџетот. А тоа, очигледно, ги менува и интересите. Сега одеднаш женскиот Вардар, се врти кон националните интереси, а можеби и кон „фондовите“ за развој и поддршка на младинските категории во спортот број еден.

Да нема забуна, добро е некој да мисли на македонската ракометна иднина и добро е што Вардар не става клуч на врата, туку се „реконструира“. Само, не е добро кога приватниот интерес се пакува во „добро за македонскиот ракомет“.

Инаку, вардарки и покрај „распродажбата“, во овој шампионски формат, сезонава тераат „профи“ кон завршницата на ЛШ. Некои и замерија на Јованка Радичевиќ што ги повика навивачите да дојдат во сала оти „нема уште долго да бидеме заедно“. Демек, да не брза со вакви изјави. А, бре, Македонче… туркај проблемите под тепих и уживај.

2.Во Автокоманда пак „среда-петок“

Металурзи се уште се во очекување да се решат проблемите и да стигне плата. И таму менаџерите и клубовите чекаат да почне „распродажбата“, а во меѓувреме сите бараат решение, освен тие што морално и законски треба да го најдат!

И таму откако фати кризата, нема – нема, па ќе се активира она „за доброто на македонскиот ракомет“. Ако помине – помине, ако не здравје. Само што, за разлика од тазе „разбудената“ национална свест кај „црвено-црните“, во Металург што е за право, изминативе години функционира ракометната база и вади „производ“, со сите предности и недостатоци.

Ама, деновиве во новата криза, пак често се врти она – за македонскиот ракомет добро е да опстане Металург. Тоа не е спорно воопшто. Напротив, на македонскиот ракомет му требаат силен Вардар, Металург, Пелистер… Само да не се мешаат работите што е приватен клуб или формално акционерско друштво, а што е национална грижа и стратегија. Оти кога клубовите купуваат скапи странски тренери или кога на клупата седнува кој стигне, а странците на терен добиваат предност пред македонските играчи, тогаш тоа е приватна работа и право на „газдите“. Кога ќе загусти работата, тогаш опстанокот на клубовите станува национална грижа.

Поддршка си е поддршка, ама долгови си се долгови, плати си се плати. Национална стратегија е нешто потполно друго.

3.„Жалузграна“, „Нгесана“ …падна шампионот

Освен борбата за националните ракометни интереси што стана „второ име“ за кризата и беспарицата, изминатиов викенд ни паднаа и два порази на европска сцена.

Едниот „норвешки“ за Еурофарм Работник во Битола во Челинџ купот. Помалку или повеќе очекуван, за битолскиот дебитант во Европа.

Воториот „шпански“ за Вардар во Барселона. Прв за европските шампиони сезонава и прв по долгата победничка серија на „црвено-црните“. Ни очекуван, ни неочекува. Доаѓа лош ден дури и за најдобрите и не се виновни за поразот на Вардар ни судиите, ни климата во Барселона. Едноставно, „шпанските“ Шпанци вчера беа подобри од „македонските“. И пак Ваел Жалуз на вардарци од „Блауграна“ им направи „Жалузграна“. Тунижанецот како да е претплатен за тоа.

Вардар, сепак, има „залиха“ и остана на лидерската позиција, иако, нормално, и бод е подобро од ич. Само и ова „шпанско кршење“ на серијата на клупски план, да не биде како она репрезентативното на ЕП во Хрватска. Да се надеваме, нема. За доброто на Вардар и на македонскиот ракомет, се разбира.

Се вчитува...