СЕДМЕРЕЦ: Мамка и стапица - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
28/05/2017 0:45
Останато
27/05/2017 13:45
Ракомет
27/05/2017 19:34
Останато
27/05/2017 15:20

СЕДМЕРЕЦ: Мамка и стапица

Билјана Б. Петрушева

Одамна никој не не обединил вака како заминувањето на Лино Червар. Цела Македонија се мобилизира да бара нов селектор. Едно знаеме сигурно – каков не треба да биде!

1. Свртување кон своите

Велат, лекцијата најдобро се учи кога некој ќе те „тресне од земја“. По „приземјувањето“ што им го приреди Лино Червар на сите што веруваат во него „одовде до Токио“, сега конечно, вртиме нова страница. Цела Македонија е мобилизирана во потрага по новиот ракометен селектор.

Ракометот е спорт број еден во Македонија, а машката ракометна репрезентација во изминатава деценија е можеби и највредната работа што ја имаме во спортот. И затоа е тој „македонски фанатизам“ по ракометот, што ќе речат Веселин Вујовиќ и Тања Медвед на онаа вчерашна ракометна трибина во Белград. Овде и еден пораз може да стане „национална трагедија“ и само една победа да крене еуфорија.

И сега се крена ракометната нација во потрага по нов селектор. Одамна никој не не обединил вака како заминувањето на Лино Червар. И, не не свртел кон своите. Да видиме што имаме и да ги цениме малку повеќе. Обично, секогаш е така кога ќе загусти работатa.

Јавноста некако спонтано го стави фокусот во изборот на новиот селектор на „домашните“ кандидати. Кој е најспособен, кој ги знае најдобро играчите, кој е „радилица“ и си ја знае работата, кој е најпогоден за балансирање и за „мир во куќа“. Има и самопромоции и обиди да се дојде до клупата, па макар и на „мала врата“…

И, кога се ќе се собере и одземе, кругот на оние што вистински вредат, можат, знаат и на крај, што не се „на услуга“ и што имаат кредибилитет, па, ако сакате и Мастер лиценца, да седнат на македонската клупа, е мал.

Не е исклучено, ни пак да бараме странец за селектор. Ако не им веруваме доволно на нашите. Само што еднаш веќе се изгоревме на таков „патриотизам во соблекувалната„. Македонија е специфична, а Европското во Хрватска е убава мамка, но и опасна стапица, ако ги потцениме Исланд и Чешка во квалификациите.

Во РФМ, претпоставувам, се разгледуваат сите опции и се бара решение за „новонастанатата ситуација“ на месец и пол пред завршните квалификации за ЕП 2018. Засега, се уште нема ни „абер“ ни конкурс.

Ама кај да е ќе биде…

2. Фарски по трет пат

После „фарсата фарска“ на јуниорите во Варна, Фарските Острови ни станаа како ракометна судбина. Ама во „женскиот случај“, од онаа со позитивен предзнак.

Сениорките преку Фарски стигнаа до баражот за СП 2017 во Германија. Тоа беше прва победа по мачни пет години. И го отвори патот, конечно да тргнеме чекор напред.

Фарски Острови вчера во Скопје им се посреќија и на јуниорките. Победата против островската репрезентација, македонските јуниорки ги носат на ЕП во Словенија.

Две млади македонски ракометни репрезентации летово ќе бидат дел од големите натпреварувања. Младите ракометари (У21) на СП во Алжир, младите ракометарки (У19) на ЕП во Словенија.

За македонската ракометна иднина важен чекор напред.

3. Отвори, отвори, отвори…

Како Катица Јанева што му викаше на портирот во ДБК, така и македонските медиуми „тропаа“ во петокот на затворената врата во Автокоманда.

Настанот „зад затворени врати“ беше контролниот натпревар на женската репрезентација на Македонија и селекцијата на Србија. Затворен беше и вториот натревар следниот ден во „Јане Сандански“. Таму навивачите и новинарите, веќе не ни тропнаа. Па и двомечот во неделата на ЕХФ, што можеше да биде убав ракометен настан за македонската публика, помина како да не бил. Со две-три реченици, колку да не е без ништо.

Секој стручен штаб, нормално, има право да ги затвори тренинзите, па и тренинг- натпреварите.

Ама и медиумите само си ја вршат својата работа и не е баш многу паметно да им се затвораат вратите, посебно не, вратите од националните селекции.

Што и од кого криевме на контролните мечеви со Србија? Тактиката од Шведска?! Македонија на овие дуели и така беше некомплетна без капитенот Елена Ѓоргиевска и без Марија Николиќ. А, Шведска во баражот тешко дека нешто многу можеме да ја изненадиме, дури и со „скриената тактика од Автокоманда“. Дај Боже да биде така. Ако е до тоа ќе ги простиме „затворените врати“.

Но, едно треба да ни биде на сите јасно. На оваа млада македонска репрезентација во нималку лесната борба да го врати македонскиот женски ракомет повторно на голема сцена и треба поддршка од јавноста и презентација.

Не изолација!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.