СЕДМЕРЕЦ: Не е странец, туку наш Шпанец!

Екипа

После Металург, сега на ред е Вардар да даде селектор, да нема „лутиш“. Нашите ќе дојдат на ред кога ќе научат шпански…

1. Конкурс со визија

Убаво си стоеше во ланскиот конкурс за избор на селектор на машката ракометна репрезентација на Македонија – кандидатот треба активно да владее еден странски јазик – англиски, германски или шпански…

Тогаш се шегувавме „од кај излезе Лино на шпански…“, ама конкурсот да ти бил визонерски, „два во едно“, да важи и за следнава година.

Само што Раул малку ни ја поремети шемата и си научи македонски, па сега треба и тоа да се допише.

Се уште неофицијално, ама кон официјално, Раул Гонзалес, е најблиску до клупата на машката серниорска репрезентација на Македонија. Шпанецот што три години го предводи Вардар е најсеризен, а некои велат, сега веќе и единствен кандидат да го наследи Лино Червар. Откако по брза постапка е елиминирана онаа прва опција, Македонија, по искуството со Червар, да се врати на резултатски досега најуспешната опција, ракометарите да ги предводи македонски селектор.

 „Официјално“ неофицијалната проценка била дека македонските тренери се уште не се „доволно странци“ за да бидат селектори.

Ај да пробаме со Шпанец, некако подобро звучи…

2. Червар замина, експериментот остана

Впрочем, Раул Гонзалес и не е „странец“, туку е наш Шпанец. За овие три години научи македонски, Вардар го води на македонски, го почитува јазикот и земјата во која живее и работи. Што како однос и став сме го поздравиле многупати досега. И секако е потег за поздравување.

Но, никако не смее да биде и главната препорака или квалификација во изборот на селектор на македонската репрезентација. Квалитетот, посветеноста и пред се перспективата и интересот на македонската репрезентација треба да бидат во прв план. Независно, дали селекторот е или ќе биде, Македонец или странец.

Што се однесува до Раул Гонзалес, неспорно е дека тој го знае ракометот и си ја знае работа.

Неспорно е и тоа дека предводникот на Вардар е еден од најперспективните шпански тренери од „втората“ генерација.

Но, исто така неспорно е и дека Вардар му е прво посериозно тренерско искуство по асистентската улога што ја имаше во Сиудад Реал и во Атлетико покрај Талант Душебаев.

Неспорно е и дека, ако падне договорот, репрезентацијата на Македонија ќе му биде прво селекторско искуство во тренерската кариера.

Неспорно е и дека македонските ракометари во првиот тим на Вардар досега и не беа нешто многу на број.

И по малку спорно е колку ќе може успешно да се води и Вардар кон историски пласман во Лигата на шампионите на фајналфор во Келн и Македонија селекторско дебитантски, во квалификациски дуели за ЕП 2018, со Исланд, а потоа и со Чешка и со Украина. И сето тоа сместено во нешто повеќе од еден месец.

Идеалното сценарио би било – Вардар на Ф4 во Келн, Македонија на ЕП во Хрватска, Раул македонски херој. Ние среќни, нацијата во еуфорија…

Се друго би било само уште еден неуспешен експеримент.

3. Охридските „гладијатори“ ја враќаат надежта

Вардар и Металург последниве години го носат приматот во македонскиот ракомет. Има резултати, има квалитет, а зад сето тоа, има добра финансиска основа што е главен предуслов за се друго. И реално и очекувано е тие да се на врвот и да бидат во чекор со европската ракометна елита, Вардар малку повисоко, Металург последниве години малку подолу, но сепак присутен.

Но, дефинитивно, заслужуваат и почит и внимание и оние македонски клубови што егзистираат со скромни буџети и уште поскромни услови, далеку од оние што ги имаат Вардар и Металург. Се борат и знаат да им се израдуваат на победите.

Охрид е прв на табелата по регуларниот дел на сезона во Супер лигата.  Охридските „гладијатори“ минатата сезона беа втори зад Металург. Сезонава се први во Супер лигата. Лани, охриѓани немаа доволно финансии и го откажаа настапот во Челинџ купот. Но, ентузијазмот не ги напушти. Со малку финансии и со многу желба и работа сезонава стигнаа до најголемиот клупски успех и првото место на суперлигаташката табела, пред Пелистер и Еурофарм Работник. Ни тие немаат премногу, но сигурно имаат повеќе од „гладијаторите“.

А, кој знае, може и Горан Андоновски со Охрид да има „вардарски“ буџет, ќе има и европски успех, па макар и во Челинџ купот.

Заживувањето на македонските ракометни центри нека не биде само пропаганда, оти основа има и во Охрид, во Битола, во Прилеп… Па тогаш може и нашите тренери ќе бидат како оние странските.

Некогаш, кој знае…

Се вчитува...