СЕДМЕРЕЦ – НИЕ сме пали-гаси!

Екипа

Македонските ракометарите први ги палат светлата на уште една надежна ракометна година

1.Традицијата продолжува

Со ракомет ја завршивме старата 2017 и со ракомет ја почнуваме оваа нај-нова 2018. Меѓу сармите и руската салата, синоќа, сигурно пола Македонија на Раул му честиташе Нова Година. Ги „стопи“ ел команданте „на македонски“  и ги собра симпатиите во јавноста со резултатите што ги донесе, но и со оние скромни, приземни, искрени изјави. Сега јануарски желно се чека  да почне Европското, блиску е Хрватска… А, ракометна Македонија има нова енергија.

Ракометарите од утре повторно се во полн погон.

„Ние сме пали-гаси“ – се пошегува еден од момците во „црвено-жолто“ откако зад ракометарите се изгаснаа светлата во „Борис“ по последниот тренинг пред Нова Година.

Од утре, македонските ракометари пак први ќе ги запалат светлата за 2018. А, за неколку дена ќе се „вклучи“ на максимум и традицоналната македонската ракометна еуфорија за ЕП во Хрватска.

2.Позитивите во 2017

Во „пали-гаси“ ракометната приказна, 2017 ќе остане запаметена како една од најдобрите. Имаше ракомет колку сакаш, од јануари па се до декември. Во ракометот вообичаено не се бираат најдобрите во оние тривијални избори на крајот од годината, но затоа пак ги издвојуваме најдобрите моменти. И тука вардарци се неприкосновени без конкуренција на врвот за 2017.

Вардар прв пат стигна на елитниот Фајналфор во Келн и во голем стил ја освои титулата во Лигата на шампионите. Прва за Македонија цели 15 години по европската круна на Кометал ЃП и прва воопшто во ЛШ во машка конкуренција. На тоа комадант Раул и „црвено црните“ ја додадоа и СЕХА титулата и ја комплетираа сезоната со двете домашни титули. И шампионски без пораз тргнаа во новата сезона. Еуфоријата е голема, очекувањата исто така.

Вардарки во четвртиот обид стигнаа до првото финале во ЛШ, но титулата им „избега“ за малку. Останува тоа да го довршат годинава.

Машката ракометна репрезентација го задржа континуитетот и во јунските квалификации обезбеди пласман на ЕП во Хрватска. За пак да ги запалат светлата во овој јануари. И да ја дигнат нацијата на нозе. „Хрватска доаѓаме…ма, летаме бре!“ , така некако беше.

А потоа како вистинско летно ракометно освежување дојде успехот на младинците на СП во Алжир и шестото место во светот што и тоа како влева надеж во македонската ракометна иднина.

И во финишот на годината, новата надеж од Битола дека Пелистер се враќа таму каде што му е местото и пак ќе биде гордост за битолчани и за цела Македонија. Стевче Алушовски, овој пат како тренер, го поведе Пелистер во победничка суперлигашка серија. И тоа не остана незабележано. Се си доаѓа на своето, кога-тогаш.

3.Нешто помеѓу и нешто подолу

На стартот од ланската година, за едни успех за други неуспех, беше јануарскиот настап на ракометарите на СП во Франција. Факт е дека 15.место е најслабиот пласман на Македонија на СП во новата ера на оваа генерација во последните десет години, без разлика дали ситемот на рангирање на ИХФ бил нов или стар, добар или лош. Ист е за сите. Факт е и дека во „експериментите“ повеќе загубивме, отколку што добивме. Но, барем ја научивме лекцијата.

За едни добро за други лошо беше и одлуката екс-селекторот Лино Червар по неколку месечна сага да ја остави Македонија „во минус“ на сред квалификации за ЕП и да се врати во Хрватска.

Ама, велат секое лошо за добро е. Па така и со таа селекторска сага. Да не заминеше Лино „на повикот од татковината“, немаше да дојде Раул Гонзалес и да не врати во ракометна нормала по сите „емоционални празнења“. Па овој пасус „комотно“ може да се смести и во оној погорниот дел кај „позитивите“ во 2017.

Во она што пак остана како минус во позитивната година е состојбата во Металург кој последниве сезони се повеќе е на преживување со по некој „топол оброк“ без вистинско решение за излез од кризата.

А тука е и незивесноста во Вардар во најава. Наспроти историските резултати и перфектната сезона, се случи есенскиот „одлив“ од шампионскиот тим кој не успеа да ги задржи (а кој знае и дали се обиде) столбовите на успехот – Раул, Штербик, Циндриќ, Абутовиќ…Многу заминувања, ниедно доаѓање и чуден молк од шампионот.

4.Вие се сакате! Сакаме…

Арно ама, ова е Македонија, а денеска е 1 јануари. Нова година, нов почеток и нова надеж. Листата со желби веќе одамна е стокмена.

Што се сакаме ракометно во 2017?

-Сакаме македонската репрезентација да не израдува на ЕП во Хрватска, па да се крене цела Македонија на пат за Загреб и за Вараждин како на СП во 2009.

-Сакаме овој селектор да нема „член 2“ во договорот и да си ја истера работата „до Токио“, па и „до Париз“ ако треба.

-Сакаме Вардар да ја продолжи победничката серија во ЛШ и да и покаже на Европа дека шампионот може да ја одбрани титулата.

-Сакаме ватрдарки конечно да се „позлатат“ во Будимпешта  и да не „јадеме“ веќе гулаш колку ни се важни „бронзи“ и „сребра“.

-Сакаме „фул мени“ во Автокоманда и Металург со чисти сметки .

-Сакаме силен Пелистер, силна Супер лига, стабилни клубови и „живи“ ракометни бази.

-Сакаме женската репрезентација пак да ја гледаме на европските и на светските превенства.

-Сакаме победи, убави голови, силни натпревари и полни сали.

-Сакаме ракометарите да ни ги палат светлата и секој нареден јануари пред ново ЕП и СП…

„Вие се сакате! Полека малку…“ – ќе рече Раул Гонзалес.

Можеби има право селекторот. Ама, еуфоријата е дел македонскиот ракометен амбиент. Не оди без тоа, залудно ќе се правиме „рационални како Германци“.

Срекна и бериќетна ракометна 2018 година, драги мои!

И, допишете по нешто на листата… Ако не се, нешто сепак, ќе се оствари.

Се вчитува...