СЕДМЕРЕЦ ОД МЕЦ, ДЕН 3 – Први, „други“…оп, 500 франци!

Екипа

1.Висока безбедност, измрзнавме

Ден за вториот натпревар на мундијалот во Франција. Вечер не чека дуелот со Ангола. Африканската репрезентација не е за потценување, ама не е ни за преценување, барем во однос на другите селекции во групата.

Или просто преведено – вечер чекаме победа од нашите.

Во нашиот табор е мирно. За разлика од предходните настапи, нема премногу еуфорија. Се почитува препораката од селекторот Лино Червар. Дури и организаторите ги сместија нашите „на помирно“ во хотел што е на 20-на километри оддалечен од Мец. Таму се Македонија и Ангола. Другите четири репрезентации од Групата Б се на “градски“ локации во Мец. Организаторите ги сместија заедно Тунис и Исланд (нашите веќе пишани и опишани соседи), Шпанија и Словенија и во последната “двојка“ – Македонија и Ангола заедно малку понастрана. Не сфативме зошто организаторите вака „ги построија“, ама нас ни направија вистински проблем.

Ги посетивме ракометарите на вчерашниот попладневен тренинг. Брифинзите пред тренинг се вообичаена рутина на првенствата, но овој вчера беше цел ритуал. Ракометарите вчера тренираа во салата што е во близина на нивниот хотел во Амневил, а ние поминавме 40 км, натаму и назад и на студот си постојавме убаво пред салата убедувајќи се со обезбедувањето дека одиме „службено“ кај нашите.

Поради високите мерки на безбедност тоа е стандардна процедура околу учесниците на мундијалот. За нас, тоа е еден саат плус пред сала…

2.На Анголците им студи

Во Мец времето е тука некаде околу „нулата“, ама Анголците измрзнаа. Се пожали нивниот селектор Алесандре Диого Мачадо дека на неговите ракометари овде многу им студи и не можат да се аклиматизираат.

Африканците се подготвувале за СП во Португалија, ама и таму било топло. Кога дошле во Мец, смрзнале сиротите. Затоа и изгубија толку многу на првиот натпревар од Словенија.

Не знам дали се потстоплија Анголците во овие два дена, и дали и денеска со Македонија „ќе им студи“.

А, замислете како ќе им беше да играа во Скопје, а!

3.Постројување – пребројување

Македонија е казнета од ИХФ со 500 франци, оти нашите не се построиле добро на мечот со Тунис. Први, „други“, трети…се измешале бројките.

И, оп, веднаш стигна казната од ИХФ.

Лани во Краков си плативме казна оти ги измешавме чорапите.

Сега во Мец ги измешавме бројките.

Како ни тргнало, на следното првенство гарант ќе не казнат за „употреба на погрешна паста за заби“!

4.Стигнаа докторите….јееее

Уште по првиот натпревар се јавија и проблемите со повредите. Велко Марковски има проблем со грбот, а Дејан Манасков со ногата што ја повреди на мечот со Тунис.

А целата репрезентација има(ше) проблем со докторите. Оти доктор овие денови со репрезентацијата – немаше.

Синоќа конечно стигнале и докторите.

Што би рекол Деки Манасков – ЈЕЕЕЕЕЕ….

Се вчитува...