СЕДМЕРЕЦ: Предупредување

Екипа

Вардарки добија предупредување од Будуќност. Во завршницата на Лигата на шaмпионите никој не е непобедлив!

1. Подобро сега отколку после…

Будуќност ја прекина победничката серија на Вардар во Лигата на шампионите. Вардарки вчера имаа тешок ден и уште потежок меч против стариот ривал. И добија предупредување во вистинско време – во завршницата на ЛШ, никој не е непобедлив!

Ниту недопирлив, колку и да е доминантен.

Поразот не е до толку трагичен бидејќи не го загрозува веќе обезбедениот пласман на Вардар во следната четвртфинална фаза во ЛШ. Но, е јасен сигнал дека вардарки нема туку така лесно да се „провозат“ до подиумот во Будимпешта. Таму е „маркирана“ целта.

Вардарки се во врвот на женскиот ракомет. Тоа е неспорно.

Имаат компактен тим и одлична сезона. И тоа е неспорно.

И се во потесниот круг на фаворити што ќе се борат шампионската титула во ЛШ. Тоа е логично, по три последователни настапи на Ф4 и три последователни “бронзи“.

Се под тоа и до тоа, во четвртиот обид ќе биде неуспех. Тоа го знаат добро и вардарки.

И добро што дојде ова предупредување од Будуќност сега, а не после. Вардар има квалитет да победува дури и кога не игра добро. Но, победува и Будуќност дури и кога не им оди најдобро, кога имаат прполовен тим и многу заминувања во најава…Знаат како се победува и ФТЦ и Ларвик и ланското изненадување ЧСМ Букурешт. И Ѓер лани ја научи лекцијата дека кој и да си титулата не се слави однапред и сигурно нема да ја повтори уште еднаш.

Сега и вардарки знаат дека не се непобедливи, дека „Ферарито“ до крај мора да вози со полна брзина и дека секој нареден „пит-стоп“ може да ги оддалечи од целта.

2. Шанса што не се пропушта

Дека простор за грешки има се помалку како што се приближува завршницата во ЛШ, добро знае и „поголемиот брат“, машкиот тим на Вардар. Дуелот со Целје покажа дека „вардарци“ сериозно си ја сфатија работата. Од прва до последна минута знаеја што сакаат и на каде тераат. Сигурната победа беше само уште еден показател за вистинската насока на „црвено-црните“

Според резултатите во досегашниот дел од сезоната, македонскиот шампион е во Топ 3 во европската елита, во ранг со најголемите – Барселона и ПСЖ.

Вардарци се први во групата, имаат девет победи и во последните две кола од групната фаза имаа „поволен распоред“ и шанса што не се пропушта да останат на лидерската позиција и да играат директно во четвртфиналето од ЛШ.

Еден чекор поблиску до Келн.

3. Во Србија на „шопинг“

Српските играчи станаа најбројни во „пролетниот шопинг“ на македонските клубови. Посебно кај оние водечките од едната и од другата страна на реката.

По официјализирањето на договорот со „капиталецот“ Драгана Цвијиќ, Вардар ја дополнува пикерската позиција со уште една српска репрезентативка. Според најавите, „црвено-црниот“ дрес наскоро треба да го облече и Марија Петровиќ од екипата на Извор од Аранѓеловац.

Во Металург со полусезонски ангажман доаѓа повремениот српски репрезентативец Предраг Вејин. Србинот во Автокоманда доаѓа од тимот на Ал Џезеира и треба да биде засилување за „металурзи“ на десната бековска позиција за пролетната битка во домашниот плеј-оф и во Купот на Македонија.

Во трендот со ангажманите на српските ракометари се вклучи и Вардар, па го донесе „на проба“ Јања Војводиќ. Средниот бек на шпанскиот Пуенте Генил, пред две сезони, на кратко, го носеше дресот на Металург. Војводиќ е уште еден поранешен „металург“ што ќе стане вардарец, по Ангелов, Манасков, Циндриќ, Марсениќ, Борозан… Проверена шема!

4. Чекајќи го „Гобо“

Ја подзаборавивме малку хрватско-македонската селекторска сага. Ама утре е последниот ден од февруари. А тоа е крајниот рок, како што рече Зоран Гобац, до кој Лино Червар конечно ќе се изјасни дали ќе остане селектор на Македонија или ќе го прифати предизвикот од својата прва татковина и ќе се врати на кормилото на Хрватска.

Што и да реши „маго ди Умаго“ е негово право. Има и „за“ и „против“ и на едната и на другата страна. Само, нека реши веќе еднаш.

Подобро сега, отколку после…

Се вчитува...