СЕДМЕРЕЦ: Се буди ракометна Битола!

Екипа

Работник му врати на Пелистер во градско дерби и атмосфера на која на битолчани може да им позавидат и оние „големите“ од ЛШ

1.Ракометот се враќа на „Широк Сокак“

Битола повторно живее за ракометот како во старите добри времиња. Градското дерби меѓу Пелистер и Еурофарм Работник повторно ја наполни салата „Младост“. Во суперлигашката пресметка пред 3.500 публика и во атмосфера на која може да им позавидат и оние „големите“ од ЛШ, овој пат Работник ја однесе победата. Ревананш на соседите за есенскиот пораз во градското дерби.

Финансиската стабилизација во двата битолски клуба го враќа повторно во мода ракометот на Широк Сокак, го подига квалитетот, растат амбициите. Во плеј-офот се брка место во европските купови, а догодина, како што велат ќе „напаѓаа“ и за место во СЕХА. Скопските ривали Вардар и Металург се уште се пред другите, битолчани тоа го признаваат, но ја чекаат својата шанса и јунската разврска на „скопската криза“.

Како и да е, се запали повторно онаа позната ракометна страст во Битола. Кој требало да игра, а кој да поседи на клупа, дали Работник со ветераните е реално посилен или Пелистер ја оплескал со промените. Дали беше грешка на управата смената на „Алјушо“, може ли Борче да се носи со предизвикот или Пелистер е преголем залак за него и треба „милум-силум“ Шундо да се донесе… Битолчани знаат ракомет, сакаат успеси, оној легендарен меч со Лемго се прераскажува од колено на колено и се надеваат дека Битола еден ден повторно ќе живее за големи дуели. Страста е заразна, а и оние мераклиски битолски ракометни дискусии.

2.Вардарки преку Данска до Будимпешта

Во Скопје пак, меракот на Вардар остануваат европските титули. За вардарци да биде повторен, а за вардарки конечно остварен. Нешто како лебедова песна пред јунската реконструкција.

И едните и другите лидерски го чекаат европското четвртфинале како реално надминлива последна пречка пред Ф4 турнирите во Келн и во Будимпешта.

Вардарци имаат еден месец за „рекуперација“ до четвртфиналето и во меѓувреме рутински, ги привршуваат обврските во СЕХА во која ќе ја бранат и титулата на скопски терен.

Вардарки ја заокружија главната фаза со триумф против Будуќност во Подгорица, повеќе за престиж отколку за бодови и супериорно влегуваат во завршницата. На патот до Будумпешта, „Ферарито“ годинава ќе вози преку Данска. Митјиланд е противникот кој вардарки реално може и треба да го поминат без поголеми проблеми и потоа во „петта брзина“ да финишираат на Ф4 во Будимпешта. За последно во овој ѕвезден состав.

Како тргнале работиве во „европската елита“ може вардарки и догодина со тинејџерскиот состав да бидат конкурентни. Според новиот германски тренд.

3.Ракомет за инает и за пари

И додека ние расправаме за битолското дерби и голеадите на вардарци, ракометна Европа расправа со кој тим ќе игра Николај Јакобсен за европско четвртфинале. Дали Бундес-лигата е поважна од Лигата на шампионите, може ли ЕХФ да ги дисциплинира Германците или сепак, како и многупати досега, европската куќа на ракометот ќе попушти пред најсилната ракометна нација. Впрочем, секој јануари било да е ЕП или СП, за Германците се менуваат правила, се делат вајлд-карти, или по некоја „црна победа“ од под покриениот монитор.

Сега во прашање е клупската превласт и борбата за интерес и парите од ТВ-правата во која ЕХФ и Бундес-лигата тераат инает. Календарот е пребукиран, а во парадоксот да се игра пладне-вечер на два фронта, не попуштаат ни клубовите. Рајн Некар Левен не дава промена на домаќинството со Кјелце во осминафиналето на ЛШ, па за инает на сите, германскиот шампион ќе игра два натпревари во еден ден – со прв состав против Кил во Бундес-лигата, со резерви против Кјелце во ЛШ. Што ќе излезе од сето тоа, ќе видиме.

Впрочем, на Рајн Некар Левен нема да му биде прв пат да ја става ЛШ во втор план. „Лавовите“ и пред некоја сезона на мегдан со Вардар во Скопје дојдоа со пола тим и тоа тогаш, онака,  без „термински“ проблем.

Од посвеж датум за ноншалантниот односот на германските тимови кон ЛШ е и минатонеделниот настап на женскиот шампион Битигхајм против Вардар со осум-плус-два. Другите биле болни…

„Со нив тешко, ама и без нив не можеш“,  така некако оди и со Германците во ракометот.

Се вчитува...