СЕДМЕРЕЦ: Шкендија од Автокоманда - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
17/11/2017 20:24
Фудбал
17/11/2017 15:37
Ракомет
17/11/2017 12:37
Кошарка
17/11/2017 9:55

СЕДМЕРЕЦ: Шкендија од Автокоманда

Билјана Б. Петрушева

Вардар е Реал Мадрид, Металург е Шкендија, а Шкендија е Баерн Минхен…

1.Класиката „го растури“ експериментот

Чекајќи го Ф4 во Келн, Вардар рутински си ги одработува домашните задачи. И онака рутински го реши стариот ривал Металург во „Јане Сандански“ со +13. Колку да се знае кој е кој.

Со оваа победа „црвено-црните“, практично, ја обезбедија 11.шампионска титула. Сега им остануваат уште 2-3 натпревари од плеј-офот за титулата да биде и теоретски заверена.

И, ако првиот суперлигашки дуел меѓу Вардар и Металург сезонава во Автокоманда, колку-толку, наликуваше на она старо неизвесно дерби меѓу скопските ривали, возвратниот меч во „Јане Сандански“ беше чиста надмоќ на шампионот.

Овој пат во „Јане“ не поминуваа фамозните „седум-на-шест“. Со ваков Металург против ваков Вардар тешко дека ќе поминеа и 16-на-6! Пет лесни гола на „црвено-црните“ во празната мрежа на „сините“ за нешто повеќе од триесет минути беше јасен сигнал за „повлекување на трупите“. „Класиката“ на Раул го победи „експериментот“ на Лино.

Разликата „само“ 13 гола. Во она што некогаш беше дерби.

2.По топлиот оброк дојде и „искра“

Разочарувачкиот пораз и уште поразочарувачкиот настап, ги натера оние старите „металурзи“ да ги извадат старите фотографии и да евоцираат спомени на еден поинаков Металург и за едни подруги времиња во Автокоманда. Очекуваа повеќе и покрај веќе хроничните проблеми во Металург…

Поранешниот шампион се уште се бори со кризата. Играчите пак без плата, пред дуелот со Вардар велеа „ќе стиснеме заби…“, „се бориме со многу противници“. Но, кризата и погрешната политика си го зема данокот. А, на кризата во Металург никако да и се види крајот. По распадот во 2014 година, Металург веќе три години се обидува да застане на нозе.

Првата година е разбирлива. Втората е поднослива. Третата е веќе агонија. За играчите пред се, заглавени меѓу долговите и ветувањата. Од среда, во петок…и одново.

Европски клуб не се прави без пари. Или се вложува или пропаѓа. Трето нема. Вардар „има“ и оди напред, стигна и до Келн. Металург „снема“ и го губи чекорот.

Или што би рекол Лино Червар – „Вардар е како Реал Мадрид, ние сме Шкендија“. Ако се споредува односот на силите.

Ако се споредуваат пак, платите, Шкендија е Баерн Минхен за тимот што игра „за топол оброк“, според една друга изјава малку од порано.

Не знам дали Лино Червар знае албански, ама случајно, има една симболика во оваа споредба. „Шкендија“ во превод е „искра“.

Има ли искра надеж „Шкендија од Автоманда“ пак да биде Реал Мадрид во македонскиот ракомет?

3. Пелистер по битолски

Со искра надеж во нов обид да се врати на големата сцена, тргнува и Пелистер. По промашениот обид со враќањето на Касим Каменица, битолскиот клуб врти нова страница во клупската историја и иднината ќе ја гради на својата битолска база.

Стевче Алушовски се враќа во Пелистер, но овој пат во тренерска улога. Во клубот во кој ја почна својата ракометна кариера, Алушовски го почнува и својот тренерски пат. Битолчанецот со најмногу настапи во дресот на македонската репрезентација, ќе се обиде да го врати битолскиот клуб на старите патеки.

Во „мисијата“ ќе му помагаат уште двајца пелистерци  – Игор Николовски и Кире Поповски. Краткорочната цел е Пелистер да стигне до четвртото место во плеј-офот и да избори место во европските купови. Долгорочната цел е како што вели Алушовски – да го вратиме Пелистер на врвот на македонскиот ракомет.

Дека нема да биде лесно, се виде на првото гостување во Автокоманда. Првиот чекор секогаш е најтежок. Но, барем патот е отворен.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.