СЕДМЕРЕЦ: Скопје – Загреб и обратно

Екипа

Загреб дојде во Скопје и му се „поклони“ на европскиот шампион. Дојде и Лино од Загреб, на кратко, тамам да ја прослави првата победа на „металурзи“ во ЛШ. И пак назад…

1.Мачиња, лавчиња и малку патетика

Металург со првата победа во Лигата на шампионите сезонава, го отвори безмалку совршениот скопски ракометен викенд. По двата порази во серија младите „металурзи“ конечно вистински „загризаа“ и го победија Спортинг. Или, што би рекол Ацо Јовиќ, „мачињата станаа лавови“. Помошникот на клупата на Металург изминатава седмица ги подготвуваше „лавчињата“ за Спортинг додека Лино Червар беше во Загреб, зафатен со „изборничките работи“ во хрватската репрезентација. И, сигурно Јовиќ има барем мал удел во саботниот триумф против Спортинг. Колку и да биле инструкциите и „шемата“ оставени од „шефот“.

Арно ама, „маго“ пак го „украде шоуто“ на крај. Па наместо играта  и победата на Металург, одново топ-тема беше – дали Лино Червар си оди или останува на „на два стола“, во Загреб и во Скопје. Вообичаено, дополнето со „повикот на татковината“, тежината на одлуката и тешката раделба-не разделба од Металург и Македонија.

И, на крај пак никој ништо не разбра дали Червар заминува или останува во Металург. Или и понатаму ќе вози на релација Скопје-Загреб и обратно и ќе го чува местото за после ЕП. Впрочем, со хрватскиот стратег се разделуваме веќе цела година. Прво беше патетичното раделување со македонската репрезентација, кое патем траеше подолго од селекторувањето на Червар на македонската клупа. А сега си одам – ама не си заминувам, продолжува и во Металург. До кога, не се знае.

Како во онаа црногорската за Ѓекна…

2.Вардарци на цена

Вардар засега мирно и супериорно си ја тера шампионската сезона. По Висла и Нант, вчера и ППД Загреб се поклони пред европскиот шампион, за рекордна осма победа во серија на „црвено црните“ во најелитното европско натпреварување.

Но, колку и да изгледа идилично, и Вардар си има свои „Ѓекни“ . И од внатре и од надвор.  Пандорината кутија ја подотвори прво газдата со изјавите „си одам-не си одам“ и оттогаш „фрчат“ понуди за вардарци од сите страни.

Дел од јавноста, посебно фановите на новиот Вардар, тешко се помируваат со тој факт, па дури полесно им е и да се убедуваат дека „медиумите вадат што не треба и расипуваат атмосфера“. Сепак, факт е дека изјавата на газдата, макар и сменета потоа, го раздвижи пазарот. Вардар е шампион и вардарци, во поголем дел, се на цена во ракометна Европа.

Па не чуди информацијата дека еден ПСЖ го сака Раул Гонзалес на клупата,  дека Веспрем не би штедел пари за Штербик, дека менаџерите „се тепаат“ за Борозан, дека Кјелце веќе го резервира Циндриќ…

Во сезоната што е пред нас, предизвикот за Вардар ќе биде да ја одбрани титулата во ЛШ, но и да го сочува шампионскиот тим. Со стабилна финансиска основа, но и со правилна стратегија без неизвесности и без „жешки глави“.

3.Време и трпение, Фарски за спасение

За да биде викендот резултатски перфектен, по двете скопски победи во ЛШ, недостасуваше само победа и на женската репрезентација во „Кале“ против Србија, во квалификациите за ЕП 2018. Се држеа македонските ракометарки во игра 50-на минути. И за разлика од порано, овој пат не беа инфериорни против многу посилниот и далеку поискусен противник. Но, силата не издржа до крај. Резултатски, двата порази од фаворитите Шведска и Србија на стартот не веруваат многу ни во овој квалификациски циклус. Сепак, играта и одност на ракометарките кон националниот дрес, дефинитивно е чекор напред и каков-таков зрак на надеж за женскиот репрезентативен ракомет западнат во агонија во изминативе неколку години.

Селекторот побара време и трпение за системот на работа да даде резултат кај новата генерација која засега се уште учи лекции од поразите. За среќа, следните два натпревари се против Фарски Острови. Со Фаранките веќе го „скршивме мразот“.

Да не биде само да учиме од порази…

Се вчитува...