СЕДМЕРЕЦ: Аферим! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Фудбал
19/11/2017 21:29
Кошарка
19/11/2017 20:35
Фудбал
19/11/2017 19:59
Фудбал
19/11/2017 19:09

СЕДМЕРЕЦ: Аферим!

Билјана Б. Петрушева

На Конгресот во Анталија, ИХФ стави крај на вештачките репрезентации со натурализирани играчи и на „штанцањето“ ракометни пасоши.

1.Првилото 3-3-3

Во една прилика еден од познатите светски ракометни тренери рече вака: „Натурализираните играчи се како допинг. Имаш краток успех и долгорочна штета“.

Некои го поддржуваа, други го критикуваа дека „не е во тренд“ со модерните ракометни случувања каде е битен само успехот, по секоја цена. Но, на крај се покажа дека сепак, е попаметен долгорочниот влог во сопствената иднина отколку скапиот тренд „купиш-победиш“ и после те нема со децении. Токму Катар кој беше и најеклатантен пример дека со пари се се купува, па и цела репрезентација, на последниот собир го сврте курсот и почна да ја „чисти“ репрезентацијата од странците кои за волја на вистината му донесоа медал на СП 2015, но не и напредок на спортот во земјата за сите тие потрошени милиони.

Конечно, ред во нередот со натурализираните играчи доаѓа и од врвот. ИХФ на Конгресот во Анталија го усвои „правилото 3-3-3“ – ограничен број на максимум три натурализирани играчи во репрезентација наместо досега „неограничениот број“,  кои може да играат за друга репрезентација само ако живееле три години последователно во земјата и ако имаат три години пауза од последниот настап за друга репрезентација. Ракометот се уште не е фудбал, но малку ред не е на одмет.

Аферим, господине Мустафа!

2.Од врвот до -41

Женскиот ракомет во Македонија по две децении ги трпи последиците токму од тој „допинг-успех“ кога за малку пари се купуваа „еден куп“ играчи од „источниот блок“ , се правеа блиц-успеси и се забораваше на иднината. Во славата и брзиот успех веќе никој немаше време и трпение да вади играчи од сопствените школи. А, ги имаше Македонија во секој клуб и во секој град.

И траеше додека траеше. Или, додека имаше пари. И се радувавме на европската титула на Кометал ЃП, се радуваме и ден-денеска. Се радувавме и на репрезенатцијата која од нигде-никаде стана седма во светот. Проблемот беше што наместо да се направи своја база по тоа „стимулирано“ лансирање на голема сцена и да се остане таму, кај нас беше „нека трае, додека трае“. И траеше додека траеше и заврши тој тренд.

Македонија се врати на своето, но пропуштеното тешко се надополнува. Репрезентацијата со години е во црна дупка, па сега се радуваме на победа против Фарски Острови како да сме ја победиле Норвешка на Олимпијада.

А, во исто време, го имаме ѕвездениот тим на Вардар кој четири години по ред е во европскиот врв, но македонските играчи во тимот се бројат на една рака. И, ги имаме на другата страна тимовите што кубурат на сопствен погон и во Европа губат со 40 гола разлика. На еден натпревар, да нема забуна.

Вистината за ракометна Македонија која има три екипи во Лигата на шампионите и десет што се среќни ако добијат плата и втор сет дресови е некаде на средината.

И тука, да не биде дека се мешаат „баби и жаби“, мора да се расчисти што е што. Големите клубови се приватна инвестиција и тие си го кројат буџетот и составот според својот интерес. Помалите клубови или повеќето од нив, се уште зависат од помош од општините.

Репрезентациите од најмалите до најголемите, се национален интерес и национална стратегија. И тука важат други правила. Но, повторно кругот се затвора со базата. Создаваш играчи или купуваш инстант „готов производ“, со пократок рок.

3.Битола, Охрид, Струга…

Вардар „гази“ во Лигата на шампионите од Загреб до Будимпешта, и по машки и по женски. Лејно брани, Пенезиќ шутира, Штербик „растура“…и тоа веќе не е вест туку „вообичаен практика“ изминативе два месеци.

Металург се бори, Јовиќ се труди да биде достојна замена, но и да стави свој белег на младиот состав што го предводи. Некогаш ќе победи, некогаш ќе научи нова лекција како онаа последната од непоразениот Монпелје…Сезоната си врви, помалку или повеќе по очекуваниот тек.

А, меѓу стандардната ЛШ шема, во Македонија многу понеизвесно станува на домашната суперлигашка сцена. Онака од втор план, но можеби и со уште поголем жар

Стевче Алушовски со Пелистер го доби градскиот дуел со „поновиот“ Еурофарм Работник. Со победата го сочува „зелениот“ примат во ракометна Битола, но и првата позиција на суперлигашката табела. Пелистер по традиција ги има полните трибини  во салата „Младост“, а во најава, доаѓа и финансиска поддршка од градот како решение за хроничните проблеми и враќање на стариот сјај.

Горан Андоновски и кога има и кога нема, се бори и „го турка“ Охрид напред. Секој натпревар е посебна приказна, секоја победа со мерак прославена. Сeга со жар се чека дербито со Пелистер и борбата за врвот.

Трудот и работата се препознава, па и тука поддршката не изостана.

Наумче Мојсовски полека но, сигурно ја отвора приказната во Струга, базата која со години наназад вадеше најмногу репрезенативци и нови таленти.

Она што ја спојува оваа оска Битола-Охрид-Струга се токму поранешните македонски репрезентативци, враќањето во базата и нивната сесрдна ангажираност во нивните матични клубови. Ако некој го познава и го сака клубот тогаш тоа се „неговите деца“. Ако некој може повторно да ги активира старите ракометни центри тогаш тоа се тие што израснале таму, што можат, што знаат, имаат име и презиме да привлечат спонзори и пред се имаат желба да го остварат тоа. Токму како што треба!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.