СЕДМЕРЕЦ: Вардар слави фантастично!

Екипа

„Црвено-црните“ од победничкиот подиум во Брест многу појасно го гледаат Келн

1. „See you again in Cologne”

По две години доминација на Веспрем, Вардар одново е ракометниот владетел во регионот или попрецизно, во регионалната СЕХА лига. Македонскиот шампион одигра доминантно, сигурно, го покажа сиот свој квалитет и капацитет и апсолутно заслужено заврши на подиумот на Ф4 турнирот во Брест. И како никогаш досега Раул Гонзалес и неговите ракометари, му се израдуваа на успехот и на подиумот.

Се израдува и стариот вардарец, Михајло Михајловски, сега во улога на претседател на СЕХА, гордо предавајќи му го победничкиот пехар на Столе Стоилов таму во Брест. И заврши со вардарци на подиумот.

Радоста се гледа, гордоста тешко се сокрива, а четири децении со еден клуб не се бришат туку така лесно. Посебно во вакви победнички моменти.

Од највисокиот подиум сега појасно се гледа и Келн и оној другиот долгопосакуван фајналфор во Лигата на шампионите. Впрочем, и „поздравот“ по финалето во Брест беше таков.

„See you again in Cologne“ – се поздравија Вардар и Веспрем, со голем респект едни кон други.

И македонскиот и унгарскиот шампион сега ги очекува четвртфиналето во Лигата на шампионите. По овој настап, Вардар покажа дека е подготвен за големи дела. Лекцијата е совладана!

Комплетно друга слика за разлика од оној Вардар кој само пред седум дена „нoншалантно“ загуби од Металург во Автокоманда.

2. Што ќе беше да не беше шок-поразот…

А, којзнае што ќе се случуваше со „црвено-црните“ да не беше оној минатонеделен шок-пораз од Металург на стартот од суперлигашкиот плеј-оф. Можеби пак ќе изгореа убедени во својата надмоќност и супериорност. Или, како во некои претходни години, ќе ја „жртвуваа“ СЕХА чувајќи сили за Келн, сигурни дека таму ќе стигнат без проблем…

Вака, поразот од Автокоманда, навреме ги разбуди да се мобилизираат, машки да запнат и да се борат за секоја победа како да им е последна.

Да скокнат, па да велат „оп“…

Сите, и вардарци и противниците на Ф1 во СЕХА, знаеја дека Вардар ќе биде посебно мотивиран и „ќе гризе“ по оној шок-пораз од Металург. Уште еден пораз веќе ќе беше сериозен аларм.

Раул Гонзалес тоа не смееше да си го дозволи. Не смееја ни вардарци…

И не си го дозволија тоа во Брест. Вистинската сила на оној „надојден“ Вардар или „напален“ што би рекол Столе Стоилов, прво ја почувствува ППД Загреб, а потоа во финалето и Веспрем.

А, кога играта е убава и за око и за семафор, нормално е и победите да се прослават со мерак. Па, и вообичаено мирниот Раул Гонзалес, да скока на подиумот…

Убаво загревање за четвртфиналната пресметка со Фленсбург за две седмици. Има Вардар и таму долгови за наплата…

3. Има ли тренер на клупата?

И додека машкиот Вардар три сезони по ред со копнеж гледа кон Ф4 во Келн, женскиот Вардар три години по ред е дел од големиот спектакл на Ф4 во Будимпешта и со една нога веќе е и на четвртиот фајналфор во ЛШ.

Вардарки го победија Митјиланд во Данска и на реваншот пред својата публика во сабота, треба да го заверат четвртиот пласман на Ф4 во Будимпешта. Квалитетот на Вардар е неспорен и тука се е јасно. Не е јасен само несериозниот однос кон и тоа како сериозната позиција тренер на клупата на македонскиот шампион кој претендира и на титула во Лигата на шампионите.

Ирина Дибирова по малку изненадувачки пред еден месец седна на местото на Давид Дејвис, во третата тренерска смена на клупата на „црвено-црните“ девојки сезонава. Но, некогаш славната руска ракоемтарка, малку ја гледаме на нејзината нова позиција. Дибирова не беше на клупата на Вардар на двата последни турнири од регионалната ВРХЛ лига, во Копривница и потоа во Љубљана. И, ајде тоа некако и помина без да се дига многу прашина.

Но, вардарки вчера беа без првиот тренер и на гостувањето против Митјиланд. Во отсуство на Дибирова, тимот го водеше спортскиот директор, Едуард Кокшаров со Аце Станковски како асистент.

Ако ВРХЛ е „за одржување на формата“, ова веќе е четвртфинале во Лигата на шампионите. Во причините за отсуството не навлегуваме, тоа си е работа на клубот, но Вардар сепак е шампион на Македонија и клуб со врвни играчи што претендира за највисок пласман во Лигата на шампионите и е помалку чудно, да не знаат кој ќе им седи на клупата на следниот натпревар…

Три тренерски смени, тренер дебитант за завршницата во Лигата на шампионите и плус отсутен…малку е премногу „експериментално“.

За среќа вардарки се „добро навежбани“, што вели во шега еден навивач на „црвено-црните“, и  што го победија Митјиланд, па со победата падна во сенка тренерската рашомонијада.

Може ли некој „од прва“ да се сети кој се седна на клупата на новиот Вардар во изминативе 4-5 години – Ристо Магдинчев, Аце Станковски, Индира Кастратовиќ, Владо Вујовиќ, Урош Брегар, Ким Расмусен, Јан Питлик, газдата на Вардар, Сергеј Самсоненко, Давид Дејвис, Ирина Дибирова, Едуард Кокшаров…

Меле „Ферарито“, парче прави!

Се вчитува...