Селекторот Лазовски презадоволен: Дадовме многу повеќе од максимум на турнирот

Селекторот на женската кошаркарска репрезентација на Македонија, Марјан Лазовски, по завршувањето на меѓународниот турнир кој се одржа викендов во Скопје, вели дека е презадоволен од настапот на неговите кошаркарки, бидејќи дадоа многу повеќе од својот максимум, со оглед на тоа дека имаа краток период за подготвување.

„Јас сум презадоволен од вкупната слика на овој турнир. Целиот тим одигра на ниво, потрошија додатна енергија за да се остварат тие позитивни резултати. Со оглед на тоа дека игравме против квалитетни селекции и имавме само седум дена за подготвување, сметам дека има голем напредок и доколку продолжиме со ова темпо можеме да остваруваме уште подобри резултати. Уште повеќе ме радува што иако не бевме комплетни и ни недостасуваа неколку главни репрезентативки поради повреди, останатите професионално ја извршија задачата, што значи дека и во иднина можам да сметам на нивните квалитети“ – истакна селекторот Лазовски.

Македонија на турнирот заврши како втора најдобра селекција со две победи, против БиХ и против Бугарија, а претрпе пораз од Јапонија.

„Се надевам дека девојките на одмор ќе заминат со позитивни мисли и така ќе останат сe’ до почетокот на квалификациите за ЕП. Но, за тоа има уште многу време, квалификациите се во ноември, а дотогаш кошаркарките ќе се вратат на клупските обврски, а се надевам дека нема да има проблеми до тогаш и дека истиот состав ќе биде на располагање и на есен, нормално во комбинација со оние кои моментално се недостапни поради оправдани причини“ – додаде Лазовски.

Се вчитува...