Селекторот на БиХ открива: Корумпираниот делегат на ЕХФ дојде пијан!

Репрезентацијата на БиХ остана без изборениот пласман во баражот за СП 2019 по одлуката на ЕХФ да и додели службена победа на Швајцарија во квалификацискиот дуел со БиХ, поради случајот „Томислав Нуиќ“. Поради пропуст на делегатот на натпреварот, Словенецот Дарко Репеншек, и на официјалната делегација на БиХ која го потпишала записникот без да забележи дека на списокот го нема репрезентативецот Томислав Нуиќ кој подоцна влезе во игра и постигна еден гол, репрезентацијата на БиХ остана без бараж за СП. Босанците до утре имаат право да се жалат на одлуката на ЕХФ. А, во меѓувреме излегуваат нови моменти поврзани со овој случај.

Селекторот на БиХ, Билал Шуман во босанските медиуми достави неколку битни материјали кои укажуваат дека главната вина за пропустот ја има делегатот Репеншек кој во целиот случај беше амнестиран од ЕХФ. Меѓу другото, Шуман го доставува и списокот на играчи на БиХ и на Швајцарија кој на денот на натпреварот во Тузла е објавен на лајв-тикерот на ЕХФ и на него е и името на Томислав Нуиќ, но тој подоцна е „заборавен“ на официјалниот список на мечот. Според селекторот на БиХ најголема вина за тоа сноси делегатот Репеншек кој, како што вели има „лоша репутација“ и серија корумптивни скандали во својата судиска и делегатска кариера, а на мечот во Тузла дошол во алкохолизирана состојба.

На овој список уредно се гледа дека Нуиќ е во составот. Јавно го прашувам Репеншек каде беше од 11 до 19 часот, по кои кафеани одеше за на крај да заборави да го стави Нуиќ во записникот?. Корумпираниот Репеншек на натпреварот дојде во алкохолизирана состојба. Не беше во состојба да го подготви записникот, па една од вработените во Ракометниот сојуз на БИХ, за време на интонирањето на химните, мораше да трча во фотокопирница во стоковната куќа „Омега“ за да го испринта списокот на играчи“ – обелодени селекторот на БиХ, Билал Шуман во интервјуто за Avaz.ba.

Изреволтиран од одлуката на ЕХФ, Шуман потсетува и на сите афери поврзани со името на делегатот Дарко Репеншек.

„Додека беше судија, Репеншек беше обвинет за наместени натпревари од Лигата на шампионите пред девет години. Тој беше обвинет дека заедно со Јанко Пожежник и уште четворица судии во 2009 година директно влијаел на резултатите кои Кил го однесоа на врвот на Европа. Тогаш „исчезнаа“ 192.000 евра, истрагата трае и денес“ – потсети Билал Шуман.

Селекторот на БиХ верува дека работите може да се сменат во позитивна насока, но за тоа треба да се преземат ригорозни мерки.

Против Репеншек треба да се покрене истрага во ЕХФ. Ракометниот сојуз на БиХ треба да истрати допис со ЕХФ, бидејќи ова што го направи Словенецот е и удар на нацијата. Некој мора да ни помогне да ја растуриме оваа мафија, а докази имаме и повеќе од тоа што ни треба“ – вели Шуман и додава дека тој цврсто верува дека правдата ќе победи и дека БиХ ќе игра во баражот за СП против Норвешка.

Се вчитува...