Шахистите 28-ми на ЕП…, Панчевски со најдобар поединечен резултат во историјата!

Македонските шахисти се најдоа на 28. место од вкупно 40 репрезентации колку што учествуваа на Европското првенство кое изминативе десет дена се одржуваше во Грција.

Македонија, во последното денешно коло славеше со 3,5-0,5 против Португалија, па на крајот со три победи, две ремија и четири порази со 8 бода се најде на делба на 25-та позиција, односно 28. место според рејтинг коефициентот. Ова е подобар пласман за македонските шахисти од стартниот рејтинг (33-ти) пред почетокот на првенството.

Во денешното последно коло победи извојуваа ИМ Филип Панчевски на првата, ВМ Трајко Недев на втората и ИМ Дејан Стојановски на третата табла, а единствено ремизираше ФМ Никола Николовски на последната табла.

Посебно за издвојување е извонредниот учинок на нашата прва табла ИМ Филип Панчевски (2489) кој турнирот го заврши со 6 поени од 9 партии, што е досега најдобар поединечен резултат на македонски шахист на едно Европско првенство во историјата. Панчевски ги надмина досегашните најдобри поединечни резултати на ВМ Трајко Недев и ВМ Кирил Георгиев кои имаа по 5,5 на ЕП 2003 во Пловдив, кога Македонија го запиша најдобриот свој пласман на еден европски шампионат (12. место) со 10 освоени бода.

Сега Панчевски на првата табла имаше 6 поени од 9 партии, освојувајќи го извонредното четврто место на првата табла на ЕП. Всушност, Филип Панчевски е на делба на првото место (според број на освоени поени), еден од единствените четворица шахисти кои завршија со 6 поени, покрај ВМ Давид Навара (Чешка), ВМ Лука Ленич (Словенија) и ВМ Маркус Реџер (Австрија).

Од останатите македонски шахисти, Трајко Недев на втората табла се најде на 20. место со 4 поени од 7 партии, додека ФМ Никола Николовски заврши на осмото место на четвртата табла со 5 освоени поени од 9 партии.

sahisti - filip pancevski i dejan stojanovski

Во женска конкуренција, Македонија заврши на 23. место од 30 репрезентации, исто така со 8 освоени бода, три победи, две ремија и четири порази. Во денешното, последно, коло Македонија ја победи Грција 2 со 3-1. Победи извојуваа Моника Стојковска на првата и Габриела Коскоска на четвртата табла, а ремизираа Драгана Николовска и Бојана Бејатовиќ.

Од поединечниот учиник, Моника Стојковска на првата и Бојана Бејатовиќ на третата табла, завршија со 4,5 од 9 поени, сместувајќи се меѓу 15 најдобри шахисти на поединечните табли, а најдобра ефект има Габриела Коскоска со 5 поени од 9 партии на четвртата табла, каде заврши на делба на 5. место од 30 шахистки.

Се вчитува...