Шарапова доби покана за настап на Стенфорд

Руската тенисерка Марија Шарапова, доби покана за настап на турнирот Стенфорд во САД, соопштија организаторите. Турнирот во Стенфорд ќе се одржи од 31 јули до 6 август. Шарапова последен пат играше на овој турнир во 2011 година, а најдобриот резултат го постигна една година претходно кога стигна до финалето.

Среќна сум што ќе се вратам на Стенфорд. Сакам да им се заблагодарам на организаторите за поканата“ – изјави руската тенисерка.

Шарапова нема да настапи на Вимблдон бидејќи мора да паузира неколку недели поради повреда на ногата. Поранешната најдобра тенисерка во светот, моментно е на 175.место на ВТА листата. По 15 месечната пауза поради употреба на мелдониум, Шарапова во април годинава се врати на тениските терени. По враќањето настапи на турнирите во Штутгарт, Мадрид и во Рим со специјални покани од организаторите. Но, организаторите на Ролан Гарос одбија да и дадат вајлд-карта бидејќи такви покани даваат главно на играчи кои се враќаат после повреди, а Шарапова паузираше поради употреба на допинг.

Се вчитува...