Шкендија „гази“, Вардар се протна со Ренова, супер-пресврт на Работнички

Лидерот Шкендија е во врвна форма и делува како казнена експедиција за противниците. Го почувствува тоа Силекс, кој загуби со 5-0 денеска во Тетово. Шампионот Вардар со судни маки ја совлада Ренова со 2-1 во Маџари, а Работнички направи супер-пресврт во Прилеп и славеше со 2-4 против Победа, иако на полувреме имаше негатива од 2-0.

Vardar so RenovaАкадемија Пандев го совлада Пелистер со 2-0, а Шкупи на Чаир славеше против Скопје со 1-0.

Шкендија игра фантастичен фудбал. По триумфот од 2-6 против Работнички во претходното коло, сега настрада Силекс. Изаир Емини беше стрелец на хет – трик на овој натпревар, а во листата на стрелците се запишаа и Ферхан Хасани и Бесарт Абдурахими.

skendija so sileks 88

Вардар им се врати на победите, но тешко стигна до трите бода против Ренова. Тигран Барсегјан во 26.минута го доведе првакот во водство, но Емран Рамадани во 40.минута го изненади Гачевски со одличен удар од 30 метри, за израмнување.

„Црвено-црните“ долго го бараа победничкиот погодок, Барсегјан ја погоди гредата, но Фелипе покажа дека е голем мајстор кога во 83.минута со волеј удар од 20 метри постигна фантастичен гол.

Работнички направи супер – пресврт во Прилеп и стигна до првиот триумф (2-4). „Романтичарите“ на полувреме имаа негатива од 2-0. Победа водеше со головите на Благоја Гешоски во четвртата минута и на Оливер Најдовски во 30.минута. Но, во вториот дел следеше голем пресврт. Кире Маркоски во 57.минута намали на 2-1, а Емир Сахити шест минути подоцна го израмни резултатот. Маркоски од пенал донесе водство за „романтичарите“, а во финишот и му асистираше на Чарлс Гофри за конечниот исход на овој меч.

Akademija Pandev - Pelister

Академија Пандев славеше против Пелистер со 2-0. „Зелените“ останаа со играч помалку поради црвениот картон на Лукас Кардосо во 53.минута. А пет минути подоцна струмичани поведоа од пенал, кој го реализираше Зоран Балдовалиев. Вториот погодок беше дело на Тревис Бовен во 82.минута од средбата.

skupi-skopje 20.09 (18)

На Чаир, Шкупи освои три бода славејќи минимално против ФК Скопје со 1-0. Кристијан Стојкоски беше стрелец на погодокот во 23.минута од средбата.

ПРВА ЛИГА, 6.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ВАРДАР – РЕНОВА 2-1

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ПЕЛИСТЕР 2-0

ПОБЕДА – РАБОТНИЧКИ 2-4

ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС 5-0

ШКУПИ – СКОПЈЕ 1-0

Табела: Шкендија 16, Академија Пандев 11, Вардар 10 (-1), Шкупи 10, Пелистер 8, Силекс 6, Работнички 5, Ренова 5, Победа 5, Скопје 3.

Се вчитува...