Шкендија не е Крајова: Милан продаде само 23.000 влезници

Дури 65.673 навивачи платија влезници за да го бодрат Милан на дуелот на „Сан Сиро“ од минатото квалификациско коло против Крајова (рекорд за квалификациите за Лигата на Европа), пред се да го видат на дело новиот проект со бројни засилувања во тимот на Винченцо Монтела. На десетина дена пред стартот на новата сезона, навивачите на „росонерите“ се фокусираат на домашното првенство, па не се премногу заинтересирани за претстојниот дуел од плејофот за Лигата на Европа против Шкендија.

Раководството на гигантот од Милано се надеваше на слични бројки и за мечот в четврток со македонскиот вицешампион, но откако досега продаде „скромни“ 23.000 влезници денеска на официјалната веб-страница јавно побара од навивачите да дојдат во поголем број на „Сан Сиро“.

Против Крајова бевте 65.763. Вашиот глас се слушаше во 94-те минути игра, помагајќи тимот да ја надмине првата пречка кон групите од Лигата на Европа. Сега ќе се сретнеме со Македонците од Шкендија, предизвик што не треба да се потцени бидејќи нашите противници веќе минаа три квалификациски рунди, покажувајќи цврстина во одбраната. Предизвик што не треба да го пропуштите, бидејќи може да претставува деби на Леонардо Бонучи на „Сан Сиро“. Изберете си го вашето место. Има речиси 23.000 „росонери“ кои веќе купија билети, се гледаме на „Сан Сиро“ за да викаме „Форца Милан“ заедно“ – се вели во пораката на гигантот од Милано до навивачите.

Се вчитува...