Шкендија не сака да биде фина во Финска: Да се елиминира Хелсинки

Македонскиот вицепрвак Шкендија со два гола предност (3-1) допатува во Хелсинки на реванш мечот од второто квалификациско коло во Лигата на Европа. И не сакаат Хасани, Ибраими и соиграчите да бидат толку фини, па да им дозволат на Финците да го свртат резултатот во своја корист.

„Имаме предност од првиот меч, но ќе треба да играме максимално сериозно, затоа што Хелсинки е квалитетен ривал. Не смееме да си дозволиме таков луксуз, бидејќи може за нас да биде кобно. Максимално сме фокусирани на предизвикот и очекувам да одиграме уште еден квалитетен меч, за да се пласираме во следната рунда“, истакнува тренерот на Шкендија, Ќатип Османи.

Капитенот Ферхан Хасани верува дека Шкендија ќе биде патникот во следната рунда, каде ги очекува шведскиот Норчепинг.

„Не очекува тежок дуел, знаеме дека Хелсинки воопшто не е наивен тим, а денеска ќе ја има и поддршката од публиката. Но, ние имаме јасна цел, дојдовме да одиграме добар меч на реваншот и да обезбедиме пласман во наредното коло од Лигата на Европа“, вели Хасани.

Мечот меѓу Хелсинки и Шкендија ќе се одигра со почеток во 18 часот, а ќе го суди четворка од Исланд, на чело со Гунар Јарл Јонсон.

Се вчитува...