Шкендија сака реприза од лани, да го скокне и Тракаи во Лигата на Европа

Шкендија има јасна цел и оваа сезона во Лигата на Европа, да го повтори барем успехот од лани и да биде дел од плејоф колото во ова европско натпреварување. Македонскиот вицепрвак е максимално мотивиран да ја прескокне и третата пречка, литванскиот тим Тракаи, со кого денеска (18.30 часот) ќе ги одмери силите во Вилнус, во првиот меч од третото квалификациско коло.

Тренерот Ќатип Османи најавува дека Шкендија нема да отстапи од својата досегашна стратегија, да игра офанзивно против секој противник и да бара погодок.

„Тракаи е квалитетен тим и заслужува респект, со оглед дека е веќе во третото коло од квалификациите во Лигата на Европа. Но, ние посакуваме да ја минеме и оваа рунда и нема да отстапиме од нашата цел. Ќе играме офанзивно, Шкендија не знае поинаку, и ќе се трудиме да постигнеме најмалку еден погодок. Посакуваме триумф во Литванија, но би биле задоволни и со реми со постигнат гол во гости“, истакнува Ќатип Османи.

Тој ќе го нема на располагање Штефан Вујчиќ, играчот за врска кој ја креира играта на Шкендија, но очекува сите што ќе истрчаат на теренот да го дадат својот максимум.

„Нема поголема мотивација за фудбалерите од самиот настап на европската сцена. Верувам дека сакаат да се докажат и дека ќе одиграат на потребното ниво“, дополнува тренерот на Шкендија.

Капитенот Ферхан Хасани изрази респект за Тракаи, но и решеност Шкендија да оствари позитивен резултат.

„Имаме максимален респект за Тракаи. Тоа е тим што го елиминира Норчепинг, и секако има квалитет. Но, ние сме решени да ја минеме и оваа пречка. Ќе биде тешко, но верувам дека ќе одговориме на предизвикот и дека ќе оствариме добар резултат пред реваншот“, изјави Хасани.

Мечот меѓу Тракаи и Шкендија ќе се одигра на стадионот „ЛФФ“ во Вилнус, со почеток во 18.30 часот, а ќе го суди ирскиот судија Нил Дојл.

Се вчитува...