Шкендија, со девет играчи, загуби од Тракаи (2-1) во Вилнус (ФОТО+ВИДЕО)

Македонскиот претставник во Лигата на Европа, Шкендија, доживеа пораз (2-1) од Тракаи на гостувањето во Вилнус, во првиот меч од третото квалификациско коло. Во последните 30 минути, Шкендија играше со дури двајца играчи помалку поради исклучувањата на Стенио Жуниор и на Ардијан Цуцули, па ова може да се каже дека и солиден резултат пред реваншот во Струмица.

Жуниор беше стрелец на голот за Шкендија, додека Максим Максимов двапати ја погоди мрежата на Костадин Захов на овој меч.

Уште во првата минута, Шкендија прими гол. Недозрабирање меѓу Бејтулаи и Захов на работ на шеснаесетникот, голманот ја испушти топката, а Максим Максимов, напаѓачот на Тракаи, тоа го казни за водство на домашниот тим.

trakai - skendija 2

По ова, Шкендија тргна по израмнување. Хасани имаше убава шанса во 17.минута, се закани и Ибраими, се редеа акции и корнери пред голот на Тракаи, и конечно дојде погодокот.

Стрелец беше Стенио Жуниор во 40.минута. Доби одлична топка во празно, успеа да го мине и голманот и пласираше во мрежата.

На стартот од второто полувреме, Тракаи повторно поведе. И повторно Максим Максимов беше стрелец во 53.минута. Со удар со глава ја закова топката по центаршутот од левата страна.

Маките за Шкендија станаа уште поголеми, откако во 57 минута Жуниор беше исклучен, а четири минути подоцна, и Цуцули доби втор жолт картон. Тимот на Ќатип Османи остана со двајца играчи помалку, а тој на местото на Радески во игра го внесе Текја, во дефанзивниот ред.

До крајот, Шкендија беше приморана да го чува својот гол, и сепак успеа да се извлече со минимален пораз. Реваншот ќе се одигра по седум дена во Струмица.

ТРАКАИ – ШКЕНДИЈА 2-1 (1-1)

Стадион „ЛФФ“ во Вилнус. Судија: Нил Дојл (Р. Ирска). Стрелци: Максимов 1’, 53’ (Тракаи), Жуниор 40’ (Шкендија). Ж. картони: Климавичиус, Шишка (Тракаи), Цуцули, Хасани, Челиковиќ (Шкендија). Црвен картон: Жуниор, Цуцули (Шкендија).

ТРАКАИ: Плукас, Боровскиј, Јанушевскис, Климавичиус, Вакили (84’ Траоре), Воробјовас, Шишка (80’ Јериоменко), Шиленас, Биченок, Максимов, Дорлеј.

ШКЕНДИЈА: Захов, Тодоровски, Бејтулаи, Цуцули, Челиковиќ, Алими, Тотре, Радески (64’ Текја), Жуниор, Хасани (90’ Мурати), Ибраими (72’ Бојку).

Goal Maksimov M. (1:0) Trakai vs Shkendija by ylberenexhipiStenio Junior Goal 27.07.2017 by sports-live1Maksim Maksimov Goal HD – Trakai (Ltu) 2-1… by football365life2

Се вчитува...