Шкупи ги претстави најновите засилувања: За враќање во врвот на македонскиот фудбал!

Прволигашот од Чаир, ФК Шкупи потврдувајќи ги сопствените амбиции за повторно враќање во самиот врв на македонскиот фудбал во хотелот „Мериот“ во Скопје ги промовираше најновите четири засилувања за пролетниот дел од шампионатот, Баже Илијоски, Стефан Вујчиќ, Благоја Љамчевски и репрезентативецот на Косово, Рон Броја.

Сопственикот на Шкупи, Шефкет Демири ја потенцираше желбата на клубот да има повторно значајна улога во домашниот шампионат. Затоа, тој како главен спонзор и комплетното раководство овозможуваат максимални услови за работа на тимот, и комплетирањето на играчките редови.

„Шкупи заслужува високо место во македонскиот фудбал. Сакаме општина Чаир повторно да биде фудбалска општина во која ќе се слават успесите на Шкупи. Донесовме квалитетни засилувања, на задоволство на сите наши навивачи, но сигурно ќе има и нови во иднина“ – истакна Демири.

Задоволство од ангажманот во редовите на Шкупи истакнаа и четворицата нови фудбалери потенцирајќи дека ќе направат се од себе да ја оправдаат довербата…

„Амбициите на клубот максимално одговараат на мојата желба за нови успешни настапи. Дојдов тука желен за позитивни резултати, верувајќи дека наскоро ќе биде максимално подготвен да помогнам на тимот“ – истакна фудбалерот од средниот ред Стефан Вујчиќ.

Еднакво е размислувањето и на Благоја Љамчевски кој доаѓа од редовите на Пелистер…

„Шкупи добива тим за високи дострели. Верувам дека оваа пролет ќе покажеме на терен дека Шкупи има моќ и капацитет наскоро да се бори за титули во македонскиот фудбал“ – рече Љамчевски.

Се вчитува...