Шкупи одлучи: Ардијан Нухиу останува тренер до крајот на сезоната

Раководството на Шкупи одлучи и дефинитивно до крајот на актуелнава сезона на клупата на тимот да остане Ардијан Нухиу.

Како што информираат од клубот, иако се водеа разговори со неколку домашни тренери, но и од Албанија, Косово и Србија, за преземање на кормилото на Шкупи, сепак, на крајот е одлучен довербата да се даде на Ардијан Нухиу кој се најде на тренерската позиција пред крајот на есенскиот дел по повлекувањето на Висар Ганиу.

„Сакам да им се заблагодарам на претседателот Ејуп Адеми и на потпретседателот Суат Алија за укажаната доверба. Знам дека нема да изостане максималната поддршка од нив во пролетниот дел од шампионатот, па токму затоа се чувствувам уште поподготвен за предизвикот кој ме очекува. Добро ја познавам екипата, сите се вистински професионалци и верувам дека со максимална работа добро ќе се подготвиме за пролетната полусезона. Главна цел ќе ни биде обезбедувањето опстанок. Искрено мислам дека ќе ја оствариме таа цел“ – вели Ардијан Нухиу по назначувањето на тренерската функција.

Првата прозивка како шеф на стручен штаб пред стартот на зимските подготовки Нухиу ќе ја има утре од 11 часот на стадионот во Чаир. Тренинзите потоа ќе се одработуваат на терените со вештачка трева на комплексот на ФФМ.

Екипата на Шкупи првите 15 дена од подготовките ќе ги одработува во Скопје, за потоа да се пресели во Охрид, каде ќе се одиграат и контролни натпревари. Од тимот, по крајот на есенскиот дел, си заминаа Кхалил Ламбини, Фисник Зука и Филип Глигоров, а според најавите се очекуваат нови две до три искусни засилувања.

Се вчитува...